Бугарија најавува нов пристап во односите со Македонија
15 ноември 2021По изборите во Бугарија, македонските политичари гледаат зрак надеж за иднината на Северна Македонија. Надежите се дека е можен пресврт и брз прогрес во разговорите меѓу Скопје и Софија со цел до крајот на декември официјално да почнат преговорите за зачленување во ЕУ.
Мандатарот на новата бугарска влада, Кирил Петков, од партијата „Продолжуваме со промени„ која освои 25,3 проценти гласовите на вчерашните избори, порача дека односите меѓу двете земји треба да се зајакнат и тоа веднаш. Според Петков, треба да се формираат работни групи од двете земји во кои, според него, треба да бидат вклучени не само историчари, туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието. Работните групи нема да разговараат само за историјата, туку и за се што може да ги поправи добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија.
„Треба да ја смениме парадигмата во нашите односи и да видиме кои се заедничките економски работи што можат да ги направат двете земји. Како на пример, зошто нема авиокомпанија што лета од Софија до Скопје. Тоа треба да биде темата“, изјави Петков.
Охрабрувачки пораки
Ваквите пораки се охрабрувачки за министерката за одбрана Радмила Шекеринска. „Охрабрувачки е дека можната нова влада во Бугарија вели дека ни треба нов пристап. Ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред“, изјави Шекеринска, по најавите за нов пристап и подобри односи на Бугарија со Северна Македонија.
Северна Македонија, според неа, ќе го поддржи тој апел за нов дух, за нов тип на дијалог во кој двете земји ќе се трудат не да најдат мана или причина да го блокираат соседот, туку да најдат што и едните и другите можат да извлечат од поголема соработка.
Напредок во работата на комисијата
На напредок во односите се надева и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој во рамките на дводневна работна посета на Брисел, се сретна со неговиот бугарски колега Светлан Стоев. На средбата била потврдена решеноста да се продолжи со конструктивен пристап и добра волја во билатералните односи. „Ја поздравивме подготвеноста за интензивирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата ќе изнајде начини за постигнување конкретни резултати во следниот период кои се во интерес на двете страни“, напиша Османи на Фејсбук.
Тој додаде дека до одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, се очекува да се зајакнат контактите преку постоечките форми на состаноци за да се изнајдат најдобри решенија за да се постигнат следните чекори во процесот на интеграција во Европската унија.
„Само отворениот дијалог и директната соработка се најсигурни показатели за одговорност и посветеност на мирот и стабилноста, перспективите на регионот и успешното справување со сите видови предизвици со кои се соочуваме заедно“, рече Османи.
Брз прогрес во преговорите
Брз прогрес во преговорите меѓу Скопје и Софија, очекува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Пристигнувајќи на заседанието на Советот на министри за надворешни работи, кое се одржува во Брисел, а каде што една од темите е Западниот Балкан, Вархеји го изрази својот оптимизам дека отворените прашања ќе бидат решени. „По избори во Бугарија и во Северна Македонија, се надеваме на брз прогрес на тој план. Од наша страна ние веднаш ќе продолжиме со ангажманот за да се финализира отвореното прашање околу првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија до крајот на оваа година“, рече Вархеји.
Проширувањето, според него, е најсилниот инструмент на ЕУ во односите кон земјите од Западниот Балкан, но тој посочи дека европските партнери не го забораваат ниту другиот елемент или политика кон регионот.„Го имаме и економскиот и инвестицискиот план за Западниот Балкан и ние посветено работиме да го имплементираме што е можно поскоро“, изјави Вархеји.