По Лисабон, македонските надежи свртени кон Љубљана
1 јули 2021Словенија од денеска го презема шестмесечното ротирачко претседателство со Советот на ЕУ што ќе трае до крајот на годината. Љубљана тој процес го води по втор пат од 2008 година. Како што ротираат претседавачите – така ротираат и македонските надежи. По неисполнетите македонски очекувања дека земјата ќе почне преговори со ЕУ во време на германското, а потоа и во време на досегашното португалско претседателство, надежта на Скопје сега се фокусира на словенечкото претседателство.
„Словенија е еден од најдобрите адвокати за влезот на целиот Западен Балкан во ЕУ. Словенија има искуство со регионот и најдобро го знае регионот“, оцени вчера во Загреб македонскиот претседател Стево Пендаровски во пресрет на почетокот на словенечкото претседателство.
„Во однос на словенечката влада, која оперативно ќе го води претседавањето во следните шест месеци, немаме апсолутно никакви дилеми дека ќе направи најдобро што може, што е во нивна компетенција. Меѓутоа, зборувајќи за претседавачите на ЕУ, не сакаме да се стекне впечаток, како што некои од Софија нѐ обвинуваа - дека се обидуваме да најдеме некоја скратена патека за да почнеме перговори. Јасно е дека лавовскиот дел од работата е меѓу Скопје и Софија, во нашите директни преговори. Немам никакви сомнежи и контроверзи за тоа дека Словенците ќе бидат одлични претседавачи во однос на ова прашање - интеграцијата за Западниот Балкан“, изјави македонскиот претседател, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Внимание на Западен Балкан
Словенечкото претседателство веќе најави дека посебно внимание ќе биде посветено на земјите од Западен Балкан, нивната иднина во Европа и продолжувањето на процесот на проширување на ЕУ.
„Љубљана ќе ги продолжи напорите за започнување на пристапните преговори со Скопје и Тирана“, изјави постојаниот претставник на Словенија во ЕУ, Изток Јарк, пренесе БТА.
Според него, ќе се работи на конкретен предлог, кој ќе биде презентиран во септември. Во тој контекст Јарк изразил надеж дека во Бугарија ќе се формира редовна влада по предвремените парламентарни избори.
Повеќе:
-Историјата се повторува: Лисабонска „декларација“ број два
-Димитров: Во Европа ќе влеземе како Македонци коишто зборуваат македонски јазик
-Пендаровски: Добрата вест е што португалското преседателство заврши
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во јуни на маргините на Глобалниот безбедносен форум во Братислава имаше средба со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, од него добил уверување дека Западниот Балкан ќе биде многу важно прашање за претседателство на Словенија со ЕУ. Како што соопшти МНР, Логар нагласил дека клучното прашање на неформалните и највисоките можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, со што прашањето за земјите од тој регион ќе биде на врвот на дневниот ред во ЕУ.
Словенија наесен треба биде домаќин на самитот ЕУ- Западен Балкан. Земјата, како што е највено, ќе се стреми кон економско закрепнување во земјите од регионот - ќе работи со нив со цел да се обезбеди одржлив развој, за да се претвори во реалност зелената и дигитална транзиција и да се подобри поврзаноста во регионот и ЕУ.
„Словенија го потенцира регионот (Западен Балкан) како еден од главните геостратегиски приоритети на ЕУ, затоа мора да ги зајакне своите активности, присуство и фондови за развој на регионот. Еден од најголемите предизвици на нашето претседателство ќе биде да најдеме доволно политичка волја, и во ЕУ и во регионот, да се решат дури и најтешките прашања во регионот на конструктивен начин“, вели Логар во интервју објавено на веб-страницата на словенечкото претседателство.
Пахор: Демократијата е наш камен темелник
Но, не изостануваат прашања дали се ќе оди така „мазно“. Како што објави Асошиетед прес, во фокусот сега е словенечкиот десничарски премиер Јанез Јанша, поради неговата расправија со Брисел, блискиот сојуз со популистичкиот унгарски премиер Виктор Орбан и обвинувања за притисоци врз медиумите, што го става под сомнеж кредибилитетот на земјата да го предводи блокот од 27 нации. Словенечкиот претседател Борут Пахор во интервју за АП ги отфрла таквите сомнежи.
„Се разбира, постојат некои владини активности со кои не се согласувам. Се надевам дека ова е шанса владата и премиерот повеќе да се фокусираат на теми од витално значење за Словенија и ЕУ“, изјави Пахор за АП.
Тој потенцира дека Словенија ќе остане либерална држава и изразува желба таквата слика за земјата да биде зајакната за време на нејзиното претседателство со ЕУ.
„Ако европската идеја беше првиот камен-темелник на нашата државност, демократијата е вториот", вели словенечкиот претседател.
Тој потенцира дека една од главните задачи на Словенија за време на претседателството ќе биде побрз пристап на ЕУ во земјите од Западен Балкан - Србија, Босна, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Косово, објаснувајќи дека неуспехот да се прифатат нови членки од Балканот може да доведе само до зголемување на руското и кинеското влијание во Европа.
АП потсетува дека Словенија од Португалија го презема шестмесечното претседателство со Советот на ЕУ, кое го опишува „во голема мерка како бирократска задача“, што доаѓа во време на болно закрепнување на ЕУ од епидемијата на коронавирус, запрен процес на проширување и загриженост дека Јанша може да продолжи да ја опструира слободата на медиумите. Во текстот се потсетува дека Јанша во Словенија го добил прекарот „Маршал Твито“ (игра со зборови што се однесува на Јосип Броз Тито и премиерската честа употреба на Твитер ) заради напад врз политички противници или за изнесување неосновани тврдења.
Фарис Кочан, аналитичар за надворешна политика од Центарот за меѓународни односи во Љубљана, за АП оценува дека претседателството на Словенија е важен тест за ЕУ поради зголемените недемократски тенденции во Словенија, Унгарија и Полска.
„Ако ги видиме приоритетите на словенечкото претседателство, можете да видите дека тие се во согласност со Европската унија - одржливост, економско закрепнување, дигитална трансформација и зелени технологии“, нагласил тој.