1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Сириза ќе ја „минира“ еврозоната?

Ролф Венкел/ Зоран Јордановски 27 јануари 2015

Жестоките најави нема да бидат така и реализирани - тоа е речиси едногласно мислење на германските економски експерти во однос на победата на Сириза во Грција. Сите сметаат дека ќе има компромиси.

https://p.dw.com/p/1EQuW
a
Фотографија: Milos Bicanski/Getty Images

Европските пазари реагираа вистински релаксирано на победата на левичарската Сириза во Грција. Таа навистина речиси ќе освоеше апсолутно мнозинство на изборите и со деснопопулистичката партија Независни Грци ќе формира стабилна влада. Но, и покрај силните тонови во предизборната кампања, Грција веројатно на крајот сепак ќе мора да постигне согласност со меѓународната заедница - покрај другото и затоа што што веќе сега и’ недостасуваат пари за првите планирани социјални програми.

Сириза најави дека по изборната победа веднаш ќе усвои социјална програма. Сиромашните семејства треба да добијат финансиска подршка за трошоците за енергија и домување, а минималната плата да биде повишена. Треба да бидат спречени принудните лицитации кога Грците веќе не ќе можат да ги отплатуваат хипотекарните кредити. Покрај тоа, треба да биде запрена и приватизацијата.

Наскоро желбите ќе се судрат со реалноста

„Новата влада бргу ќе се врати во реалноста“, вели Јерг Кремер, главен економист на Комерцбанката во разговор за ДВ. Оти, сите тие мерки би чинеле многу пари, а касата на министерот за финансии е речиси празна. Многумина грчки даночни обврзници пред изборите не можеа да го платат даночниот долг, вели Кремер: „Според неофицијални изјави од Министерството за финансии, даночните приходи во јануари веројатно ќе бидат за една милијарда евра пониски од планираното во буџетот“. Така на владата веројатно веќе ќе и’ биде тешко да отплати 4,5 милијарди евра за камати и ануитети од долгот, што достасуваат во првиот квартал годинава.

Експерти предупредуваат дека без свежи пари државата веројатно ќе биде инсолвентна најдоцна в лето, кога претстојат поголеми отплати на долгот. Во јули достасуваат отплати на 3,5 а во август на околу три милијарди евра. „Јасно е дека Грција и натаму ќе зависи од подршката преку програмата за помош, а тоа пак значи дека таква програма може да има само ако се придржува кон договореното“, изјави Јенс Вајдман, претседател на емисионата Бундесбанка, во неделата вечерта за телевизијата АРД.

Кој се коцка со премногу висок влог?

На прв поглед позициите на една влада предводена од Сириза и заедницата на држави од еврозоната се многу оддалечени. „Поради тоа не е исклучено една од обете страни да игра на премногу висок влог и преговорите во наредните месеци да пропаднат“, предупредува Јерг Кремер од Комерцбанк, „особено затоа што Сириза веројатно го потценува фактот дека напуштање на еврозоната од страна на Грција веќе не би ја дестабилизирало монетарната унија како целина“.

Речиси сите експерти очекуваат дека Грција и земјите-донатори по преговори ќе постигнат согласност и ќе се избегне излегување на Грција од монетарната унија, таканаречениот „грексит“. Тој веројатно би повлекол со себе и државен банкрот, јуриш на штедачите во банките и економски хаос. Во тој случај би пропаднале и значителни средства од структурни фондови на ЕУ, кои во 2014 година достигнаа повеќе од пет милијарди евра.

Но, и донаторите ќе мораат да покажат готовност за компромис, уверен е Јерг Кремер, „оти инаку ќе мораат на своите избирачи да им објаснат дека - за разлика од она што постојано го тврдат - парите од кредитите за помош на Грција би биле загубени. Тоа би и дало поттик на еврокрритичките партии како Алтернативата за Германија“.

Ќе се бараат компромиси

Грција севкупно им должи на земјите-донатори околу 250 милијарди евра. Билатералните кредити на поединечни земји вкупно изнесуваат околу 53 милијарди, Меѓународниот монетарен фонд и’ додели 35 милијарди, а Европската централна банка поседува грчки државни обврзници чија вредност се проценува на 20 милијарди евра. „Компромисот би можел да изгледа така, што долговите би останале да стојат на хартија, но товарот на долгот би можел да биде подобро распределен“, предлага Кремер. Роковите на отплата би можеле да бидат продолжени, каматите намалени, а би можеле да се договорат поголеми временски периоди без отплата на ануитети.

Во компромис меѓу Атина и донаторите верува и Томас Штраубхар, професор по економија на универзитетот во Хамбург. Според него, ако минатото нешто покажа, тогаш тоа е дека само ригорозен курс на штедење не може да и’ помогне на Грција да излезе од мизеријата. „Во новите преговори мора да се направат обете работи - да се штеди, но потоа и да се постигне економски пораст. Долгорочно решение може да се постигне само со заедничка монетарна и фискална политика“, изјави тој за ДВ.

Правно да се регулира излегувањето од еврозоната

Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство од Келн, не е толку расположен за компромис. Тој бара консеквентен курс спрема државите на ЕУ кои не се расположени за реформи. „Јасната линија би морала да биде одржана и тогаш, кога некоја земја, како последица, се заканува дека ќе ја напушти европската монетарна унија“, вели Хитер во едно прес-соопштение. Но, за во таков случај барем малку да се ублажат тешките економски последици, институтот од Келн бара од европската политика недвосмислено да го дефинира правниот пат за излегување од монетарната унија - се разбира, како ултима рацио (последно средство, н.з.). „Отсуството на правна рагулатива сега би принудило на неуредено и оттука и економски особено штетно излегување“, предупредува Михаел Хитер.