1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

С. Македонија и соседите се подготвуваат за бегалски бран

БГ /АП
28 февруари 2020

Грција и Бугарија веќе најавија нулта толеранција за бегалците кои ќе се обидат да влезат на нивна територија. Македонските министри се координираат со колегите од регионот. Стравувањата се реални, вели Чулев.

https://p.dw.com/p/3YcZw
Flüchtlinge am Grenzübergang Pazarkule zwischen der Türkei
und Griechenland.
Фотографија: DHA/A.C. Zeray

Состојбата на турско-грчката и турско-бугарската граница се заканува да излезе од контрола, а земјите од регионот полека се подготвуваат за нов можен бегалски бран сличен на оној од периодот 2015-2016 година.

Грција денеска распореди дополнителни полициски и воени патроли на границата кон Турција откако повеќе од 1,200 бегалци се собраа на границата со Турција и во неколку наврати се обидоа да ја пробијат. Неколку новински агенции јавија дека десетици автобуси со бегалци биле префрлани од Истанбул кон границите со Грција и Бугарија, откако турски официјални претставници се заканија дека повеќе нема да ги задржуваат мигрантите кои сакаат да се упатат кон земјите на ЕУ. 

Реална опасност

Владини извори во Скопје за ДВ вечерва потврдија дека состојбата се следи со „соодветно внимание“ и дека се издадени задолженија до сите министри да контактираат со своите колеги од регионот и да ја зајакнат координацијата.

Такви контакти се веќе остварени со ресорните министри во Грција.

„Република Северна Македонија воспостави систем од претходната бегалска криза и тој систем е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои би се соочиле како транзитна земја“, велат од владата. 
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска изјави дека стравувањата од нов бран мигранти од Сирија се реални. 

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис твитна дека нема да бидат дозволени илегални премини на границата и дека Грција „не е одговорна за трагичните настани во Сирија“. За сабота е закажан состанок со владините министри и воените претставници во земјата.

Türkei Edirne Flüchtlinge auf dem Weg zur Grenze mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/IHA

Грчки полициски претставник за Асосиејтед прес изјави дека се зголемува притисокот врз целата граница кон Турција во должина од 200 километри.
„Низ целата должина на границата, постојат засилени обиди да се пробие. Но полицијата и војската постојано ги одбиваат“, вели полицискиот претставник.

Грчката полиција денеска во повеќе наврати употреби солзавец и палки за да го спречи пробивот на бегалците. 

Без формална најава

Напливот на границата започна неколку часа откако турски владин претставник соопшти дека е одлучено да се пропуштаат сите бегалци кои сакаат да отпатуваат на запад.

„Слушнавме за тоа на телевизија“, вели авганистанскиот мигрант Сахин Небизаде кој со такси од Истанбул тргна кон границата.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов закажа состанок со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган в понеделник и изјави дека опасноста од нова мигрантска криза сега е уште поголема закана поради проблемот со коронавирусот.

„Во време кога наметнуваме построги контроли на границите поради коронавирусот, замислете доколку треба да се соочиме и со наплив на стотици илјади бегалци. Не можеме да си го дозволиме тоа“, рече Борисов.

Претставници на ЕУ соопштија дека Анкара досега не најавила формална промена на политиката на задржување на бегалците на нејзина територија.

Во Турција во моментов престојуваат 3,7 милиони бегалци од Сирија, а од почетокот на офанзивата на турската армија во Сирија во декември, пристигнаа дополнителен еден милион.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема