1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првата изборна битка на СДСМ почна во партијата

7 ноември 2016

Додека во дел од базата на СДСМ владее незадоволство од кандидатските листи, во НВО-секторот се задоволни од учеството на граѓански активисти. Велат дека тоа е првиот чекор кон промени и модернизација на партиите

https://p.dw.com/p/2SFzf
SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Кандидатските листи за пратеници на СДСМ ја кренаа темературата на вчерашниот Конгрес на партијата. Делегатите ги усвоија листите кои претходно го поминаа филтерот на Извршниот и на Централниот одбор на партијата, не не изостанаа забелешките за изборот на кандидатите. Со учеството на нови коалициски партнери во опозицискиот фронт и со вклучувањето на граѓански активисти и интелектуалци, се „зафатија“ местата на кои се надеваа дел од партиските членови кои во изминатиот период беа на првата линија на фронтот - и во парламентот и преку јавни настапи. И покрај критиките за ваквиот епилог, лидерот на партијата, Зоран Заев, е уверен дека предложениот состав е победнички.

„Оваа коалиција со граѓаните е предодредена на успех. Ова е коалиција со граѓаните коja излегува на избори на 11-ти декември и победува!“, порача Заев на Конгресот.

Врвот на СДСМ смета дека забелешките за кандидатските листи се само уште еден доказ за внатрепартиската демократија и за слободните и отворени дебати, какви што нема во владајачките партии. Но, таквиот одговор не се покажа како доволен аргумент. Незадоволна од листите за кандидати на пратеници, Софија Куновска поднесе оставка од функцијата претседателка на Градската организација на СДСМ. 

Девмроизација на СДСМ

Каков е впечатокот меѓу аналитичарите?

„Неблагодарно е коментирањето на листите за пратеници на СДСМ, бидејќи тоа може да се направи кога и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите листи, па ќе може да се споредат кандидатите од двете опции“, вели аналитичарот Сашо Клековски. Затоа, засега се фокусира на носителите на листите, на оние што не се таму и на идеологијата.

„Зоран Заев, како претседател на СДСМ ја напушти практиката за лидерско соочување во изборната единица (ИЕ)1, и е кандидат во ИЕ 4. Тоа може да создаде впечаток за избегнување на неговиот политички ривал, Никола Груевски. Сега ВМРО-ДПМНЕ може да се одлучи на предизвик, и Груевски да ја води листата во ИЕ 4. Изборот на Стево Пендаровски е логичен, земајќи ги предвид неговите резултати во Скопје на претседателските избори. Изненадување е дека Радмила Шеќеринска ќе ја води листата во ИЕ 5. Другите носители се стандардни партиски кадри. Недостигаат личности со етаблирани кариери. Меѓу кандидатите нема звучни имиња од скопска перспектива, што не мора да значи дека нема кандидати признаени во своите средини, како Јагода Шахпаска (ИЕ 3) од Берово. Исто така најавите за позначајно вклучување на кандидати етнички Албанци не е многу видливо на листите“, оценува Клековски.

Mazedonien Sozialdemokraten Abhörskandal
Фотографија: Petr Stojanovski

По прашањето на идеологијата, потсетува дека неколку пати ја коментирал потребата за „идеолошка девмроизација на СДСМ“, која не би била победничка на кратки, туку на долги патеки.

„СДСМ има потреба да направи јасна идеолошка разлика од ВМРО-ДПМНЕ. На пример, на листата нема работничка класа, претставници од синдикат или стечајци. Или нема ЛБГТ претставници. Напротив, на листите е Ферид Мухиќ, кој можеби е добар кандидат од малцинска-бошњачка перспектива, но е противник на абортусот“ посочува Клековски.

Од оние што ги нема на листите, го потенцира отсуството на Горан Сугарески, досегашен шеф на пратеничката група на СДСМ.

„Ако се дигна голема врева за можното повлекување на Антонио Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, што значи отсуството на Сугарески? Или пак на Лидија Димова која ја води партиската комисија за ЕУ? Дали тоа значи дека ЕУ не е веќе приоритет на СДСМ? Исто така, меѓу кандидатите, условно речено, нема, 'бранковисти'. Дали е можно СДСМ да има обединувачка улога во опозицијата ако не се обединат внатрепартиските фракции“, прашува Клековски.

Тој смета дека објавувањето на листите на СДСМ пред тоа да го стори ВМРО-ДПМНЕ, на владејачката партија и дава предност да ги експлоатира слабостите на листата на СДСМ или да подготви соодветен одговор.

Промената почнува!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски уште во вчерашниот говор на собирот на партиската Унија на жени, го обвини Заев дека „нема што да понуди“. Но, според аналитичарите, токму Груевски допрва ќе биде на тест со кандидатските листи, со оглед дека неговата прва партиска постава е длабоко засегната од истрагите на СЈО.    

И додека во дел од базата на СДСМ владее извесно незадоволство, во граѓанските организации се задоволни од учеството на граѓански активисти на кандидатските листи на опозицијата.

„Изборните листи што вчера ги видовме, полека но сигурно во Македонија го воведуваат концептот на граѓански партии, отвореност за сите етнички заедници, сите или речиси сите демографски групи“, вели Андреја Стојковски, претседател на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

„Нашето анкетно истражување „Еврометар 2016“ покажува дека мнозинството од граѓаните, приближно 55 отсто, сметаат дека ќе биде добро за државата ако на изборите на 11-ти  декември дојде до промена на власта. Оттаму, откако опозицијата покажа подготвеност за соработка со граѓаните и за коалиција со нив, со изборните листи покажаа дека се искрени во намерите и дека ќе работат на тоа да создадат демографска коалиција која ќе гласа и на изборите ќе ги обезбеди промените. Кога станува збор за граѓанските активисти, Ирена Стефоска и Павле Богоевски се вистинско освежување, вредносно, и се разбира, интелектуално. Сигурен сум дека има и други кои би ги посакале, или за кои би посакале да гласаме, но не завршува се кај изборите, а овие избори се референдум за државност, демократија, иднина“, дециден е Стојковски.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Меѓу граѓанските активисти кандидирани за пратеници е и Ивана Туфегџиќ, која јавноста ја запозна преку голем број студентските активности, па многумина ја доживеаја како претставник на Студентскиот пленум на кандидатската листа. Таа го демантира тоа, а таква порака стигна и од Студентскиот пленум кој објави дека „нема репрезент на претстојните избори, па студентите кои ги споделуваат принципите на Студентскиот пленум единствено можат да придонесат преку активно вклучување во него“. 

Туфегџиќ смета дека со кандидирањето на граѓански активисти се испратени две силни пораки.

„Првата е - дека граѓаните се поважни од партиите во оваа борба, и втората - дека ова е силен чекор кон менување и модернизација на партиите, процес кој и е нужно потребен на демократска Македонија. Лично прифатив поради тоа што сметам дека моите ставови кои изминативе две години активно ги бранев, а тоа се ставови на илјадници млади луѓе, имам одговорност да продолжам да ги бранам во Собранието. Исто така, бидејќи за мене е суштински што повеќе млади луѓе да бидат во Собранието и со својата енергичност и знаење да придонесуваат во креирањето на политиките. Ова е огромна одговорност која јас ќе имам должност да ја оправдам“, вели Туфегџиќ за ДВ.

За укажаната доверба се заблагодари и граѓанскиот активист Павле Богоевски. „Ниту сакам, ниту очекувам довербата и поддршката да бидат безрезервни. Напротив, од моите соборци и соборки ја очекувам истата критичност како кон режимот. Дури и сметам на тоа. Бидејќи промената почнува од нас“, порача тој.