1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првите чекори низ Железната завеса

Ралф Борхард (ард)/ А.Трајковска2 мај 2014

Еден војник ја пресече жицата, друг ја тргна настрана и Хегешхолом стана центар на светот. Пред 25 години, половина година пред падот на Берлинскиот ѕид, во унгарското село беше направен првиот отвор во Железната завеса.

https://p.dw.com/p/1BsHF
Mинистрите за надворешни работи на Унгарија и на Австрија Ѓула Хорн и Алоис Мок во 1989 година во близина на ШопронФотографија: DPA

На главната улица од Хегешхолом нема многу сообраќај, се слуша црцорењето на птиците, само одвреме на време минува по некој автомобил. Околу три илјади жители има во селото кое напиша историја. Ласло Соке, кој денес е градоначалник на Хегешхолом, пред 25 години беше еден од оние кои го направија првиот отвор во Железната завеса.

„Јас бев раководител на група во унгарската царина“, раскажува Соке. „На 2. мај 1989 бев рано наутро на служба и сите бевме напнати, се прашувавме што ќе донесе овој ден, како ќе го промени нашиот живот овде во западна Унгарија, во граничната област“.

Новинарите и камерманите од Виена и Будимшешта биле информирани дека на 2. мај 1989 во Хегешхолом ќе се случи нешто важно. Карл Штипшиќ, тогаш дописник од Унгарија за австриското радио, говореше за „историски момент“. „Од 8 часот утрово на повеќе места се демонтираат првите парчиња од Железната завеса на границата со Австрија. Со големи клешти еден војник ја пресече бодликавата жица токму на стобот. Друг војник ја тргна жицата настрана. Двајца колеги ја виткаат жицата која стана бескорисна и во купчиња ја фрлаат во еден камион“.

Кратко потоа првите граѓани на ГДР непречено ја минаа границата. Уште на почетокот на мај стигнаа првите бегалци од ГДР, се сеќава Соке. Не биле многу, повеќето сакале да почекаат. „Ние тогаш сѐ уште го носевме нашето оружје, но повеќе не го користевме“, вели Соке. Уште пред 2. мај додека бил на служба го отворил багажникот на еден автомобил каде имало бегалец. „Се сожалив, и на возачот му кажав, 'брзо затвори и вози понатаму, пред да види другиот граничен полицаец'“.

На крајот на јуни 1989 годна министрите за надворешни работи на Унгарија и на Австрија Ѓула Хорн и Алоис Мок (на насловната фотографија), во близина на градот Шопрон на северозападот на Унгарија симболично го пресекоа остатокот на граничната ограда. Во август стотици граѓани на ГДР го искористија „Панвероскиот пикник“ за првото масовно бегство, а во септември Унгарија дозволи илјадници граѓани да отпатуваат.

Ungarn Österreich Grenze Massenflucht aus der DDR 1989
Масовно бегство од ГДР во 1989 година преку австриско-унгарската границаФотографија: picture-alliance/dpa

На 9. ноември падна Берлинскиот ѕид. Но првиот чекор го направи Унгарија.

Денес 25 години подоцна, дали Соке, тогашниот цариник и сега градоначалник, се чувствува како вистински Европеец? Самиот вели дека ја поддржува ЕУ. Луѓето во неговата татковина профитирале од челенството. Ако сакаш да јадеш парче Захерторта во Виена, можеш да седнеш во автомобил и да отпатуваш таму - се разбира ако имаш пари за тоа. Се станало поотворено и послободно. Херешхолом се разви, вели градоначаникот. Улиците биле обновени, или барем се работи на тоа.

Порано, кога бил во Германија или во Австрија Соке мислел: „И јас радо би го сакал ова, градините, шеталиштата“. Сега го има сето тоа, можеби со неколку исклучоци. „Сосема банално кажано, луѓето овде сега сметот исто така најчесто го фрлаат во контејнер. Многу учиме од западот. И се надевам Германците и Австријците исто така учат по нешто и од нас“.