Електронски код и три услови за влез во Грција
14 мај 2021Рампите на граничниот премин Еврозни кон Грција изутринава останаа спуштени и покрај најавите дека по една година ќе се дозволи проток на македонски патници кон јужниот сосед. Од Грчката амбасада за Дојче веле велат дека чекаат официјално известување под кои услови и кога да се дозволи протокот на граѓани.
„Во моментов немаме никакво известување од кога ќе се отвори границата и под кои услови ќе се пропуштаат патниците. Евзони е се уште затворен и не знаеме кога ќе се отвори. Чекаме упатства, претпоставуваме дека во текот на денот ќе имаме повеќе информации“, велат од Грчката амбасада во Скопје.
Според информации во регионалните медиуми, на границата се пропуштаат само грчки државјани. Влез во Грција ќе биде дозволен за сите оние коишто имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела.
Туристите е неопходно 24 часа пред планираното време за влез во Грција, да се најават на електронски на веб- сајтот www.gov.gr, каде ќе треба да наведат од каде доаѓаат, адреса на престој и колку време ќе бидат во земјата. За семејства се пополнува само една пријава.
По пријавувањето на имејл ќе добијат потврда со QR код, кој ќе мора да се покаже при влез во земјата.
Грција очекува над 150 меѓународни летови да пристигнат денеска и утре на 14 регионални аеродроми, откако стартуваше долгоочекуваната туристичка сезона, која треба да ги ублажи последиците од пандемијата на Ковид-19. Во меѓувреме возила со македонски и српски граѓани кои што поитале да ја преминат границата по најавите дека таа ќе биде отворена, од изутринава се заглавени во меѓуграничниот простор и чекаат да им биде дозволен влез. Некои од нив се откажуваат и се враќаат дома, откако им било најавено дека границата може да се отвори вечерва или утре.
-повеќе на темата: Евзони по една година ќе ги крене рампите за македонските граѓани
„Уште од вчера бројни граѓани се јавуваат, прашуваат, се интересираат кога ќе можат да влезат во Грција. На преминот „Богородица“, македонските гранични полицајци ги пропуштаат возилата, но тие остануваат во меѓуграничниот простор да чекаат, се додека не биде дозволен влез во Грција. Од Евзони пак, ни велат дека немаат официјално известување од грчките власти и се додека не го добијат, нема да биде дозволен проток на патници“, објаснуваат од МВР за ДВ.
Засега нема точна информација колку возила се заглавени во меѓуграничниот простор, од од полицијата велат дека „има голем број автомобили“ со македонски патници.
Потребна е формална одлука од Владата на Грција за отворање на границата со С Македонија. Прашање на време е кога ќе се состане грчката Влада за да ја донесе одлуката, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Намерата да се отвори границата е пренесена од премиерот на нашиот премиер, но мора формално да има одлука на грчката Влада за да тоа се случи. Таква одлука се уште нема. Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите и после тоа да можат да поминуваат граѓаните. Ги повикувам уште еднаш граѓаните да се информираат преку соопштенија на МНР по однос на моментот кога ќе се донесе таа одлука“, вели Османи.
Вчера беше најавено дека граничниот премин Евзони по една година повторно ќе ги отвори рампите за македонските граѓани коишто сакаат да патуваат во Грција. Во пресрет на летната сезона, по период од една година, јужниот сосед Грција ќе дозволи влез на македонски граѓани коишто исполнуваат неколку услови за влез во земјата, со цел превенција од Ковид-19. Премиерот Зоран Заев соопшти дека на 14 мај се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија. Ваквата информација била потврдена на средбата на Заев со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.