1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон наликува на „воена база“

Карла Блајкер
18 јануари 2021

На инаугурациите на американските претседатели вообичаено доаѓаат стотици илјади луѓе. Но, инаугурацијата на Бајден во среда ќе биде речиси сосема поинаква. Причина - короната и стравот и насилство.

https://p.dw.com/p/3o4Fa
USA | Washington | Militärpräsenz | vor Amtseinführung Joe Biden
Фотографија: Carolina Chimoy/DW

Во Вашингтон се' наликува на вонредна состојба. Откако на 6 јануари толпа насилни демонстранти влезе во Капитолот покрај малубројните полицајци и припадници на обезбедувањето, сега се' изгледа поинаку. Голем е стравот дека насилството ќе се повтори во среда (20 јануари), кога должноста свечено ја презема новиот претседател Џо Бајден.

Таа тензија, но и пандемијата, оваа среда ќе ја направат сосема поинаква од сите досегашни инаугурации. Вообичаено стотици илјади луѓе се собираа околу Капитол за да го видат новиот шеф на државата. Во музичките програми учествуваа ѕвезди како Арета Френллин или Бјонсе.

По давањето заклетва вообичаено следува парада - претседателот и потпретседателката со сопружниците би поминале покрај гледачите на авенијата Пенсилванија се' до Белата куќа. Во парадата учествуваат и војници и дувачки оркестри.

USA | Washington | Militärpräsenz | vor Amtseinführung Joe Biden
Празнина наместо илјадници гледачи: годинава нема да има парадаФотографија: Carolina Chimoy/DW

Националната гарда е подготвена

Оваа година се' е поинаку. Претставници на власта ги молат луѓето да не доаѓаат во Вашингтон. „Ќе работиме со партнерите од сојузната влада за да гарантираме безбедност на регионот и на нашиот главен град“, пишува во соопштението кое го потпишаа градоначалникот на Вашингтон и гувернерите на соседните држави Мериленд и Вирџинија.

Кога Барак Обама стануваше претседател, се собраа околу 1,8 милиони луѓе. Трамповата инаугурација во 2017 година во живо ја следеа околу половина милион луѓе.

Повеќе:

Како Трамп со говорот ги манипулира своите приврзеници

Дали Америка ќе стане повторно голема?

Вашингтон се „утврдува“ за инаугурацијата на Бајден

Што значи упадот во Капитол за западните демократии?

Поради пандемијата, овојпат инаугурацијата беше планирана како помала и пред да се случи упадот во Капитолот. „Гигантска парада на Авенијата не е соодветна“, порача Бајден на почетокот на годинава.

Но, по безредијата во Капитолот, пандемијата е помала грижа. Американската престолнина е под барикади, во центарот на градот се со штици заковани многу продавници и деловни згради. Тајната служба ја презеде одговорноста за безбедноста во среда.

Мобилизирани се повеќе од 20.000 припадници на Националната гарда. Само за споредба: пред четири години, за одржување на редот на инаугурацијата на Трамп, беа доволни 8000 припадници на гардата. Сега светот го обиколија слики од војници кои дежураат во Капитол и спијат на мермерниот под.

USA I Washington I Kapitol I Nationalgardisten
Припадници на Националната гарда спијат во ходниците на КапитолФотографија: Kevin Dietsch/UPI Photo/newscom/picture-alliance

Откажани ноќевања

Сообраќајот во среда делумно ќе биде блокиран во административниот дел од градот. Пред седиштето на Конгресот, пред ограда висока два метри, патролираат гардисти. „Сега се чувствувам сигурно. Овде изгледа како во воена база“, вели Џим Фројнд, кој живее неколку улици подалеку.

Од викендот се затворени 14 станици на подземната железница. На тој  начин би требало да им се отежне доаѓањето на потенцијалите демонстранти. Официјално веќе и на пешаците им е забранет пристап во National Mall, шеталиштето каде што се одржува инаугурацијата.

Во среда мора да затворат и фризерските салони и фитнес студијата, доколку досега веќе не затвориле поради пандемијата. Airbnb ги откажа сите резервации за ноќевања во Вашингтон во неделата на инаугурација. Оваа платформа, преку која се изнајмуваат приватни станови, соопшти дека не сака насилници или можеби вооружени поттикнувачи на нереди да ја искористат Airbnb.

Сите овие мерки веројатно нема сосема да ги спречат дел од приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп да се појават во Вашингтон во среда. Но, главниот град сега е подготвен - барем така изгледа.