Пристигнува новата дваесетка
Европската централна банка продолжува со замена на првата генерација банкноти. По оние од пет и десет евра, сега е на ред воведувањето на новата дваесетка. Новите банкноти треба да се подобро заштитени од фалсификување.
Свежо отпечатени
Еврото беше воведено пред речиси 15 години. Банкнотите од првата генерација веќе две години сукцесивно се повлекуваат од употреба. На 25.11.2015 во оптек е пуштена и новата банкнота од 20 евра. Новата петка беше пуштена уште во мај 2013, а десетката во септември 2014. Сега следуваат поголемите апоени.
Стари и нови
Во прво време старите и новите банкноти се паралелно во оптек. ЕЦБ планира постепено да ги повлекува старите банкноти, а долгорочен план е тие банкноти во еден момент да станат неважечки. Кога тоа ќе се случи? Гувернерот Марио Драги и ЕЦБ сѐ уште немаат соопштено. Но националните банки ќе ги заменуваат старите банкноти и кога тие ќе станат неважечки.
Омилена измама
Германската централна банка тврди дека банкнотата од 20 евра е најчесто фалсификувана-доволно голема за да има значење, ама премала за некој да се загледа или да се посомнева. Но новите банкноти би требало да бидат посигурни, да имаа безбедносни белези, кои не е лесно да се фалсификуваат.Тоа е посебно важно за Германија, каде дваесетката е убедливо најкористена банкнота.
Европска серија
Еден од безбедносните белези е провидниот холограм. Портретот на митска Европа станува видлив на двете страни од банкнотата кога таа се држи на светло. ЕЦБ целата серија ја нарекува европска. Името на континентот и ликот на митолошка Европа повеќепати се појавува како централен мотив на безбедносните белези.
Смарагден број и релјеф
Уште една пречка за фалсификарите треба да биде таканаречениот смарагден број. Цифрите 2 и 0 ја менуваат бојата од смарагдно зелена до темно сина, кога банкнотата го менува аголот во однос на светлината. Краевите на банкнотата и големиот број 20 се релјефно направени, така што малите вдлабнатини и испакнатини се чувствуваат под прстите.
Тука е и кирилицата
На прв поглед измените се одвај видливи. Синиот тон на банкнотата од првата генерација е нешто поблед и нема жолта нота на задната страна. На новата банкнота зборот „евро“ е напишан на латиница, грчкиот алфабет, ама и на кирилица, а акронимот на Европската централна Банка-ЕЦБ сега е запишан на девет наместо на пет јазични варијанти.
Архитектурата како мотив
Главен мотив на евро банкноти - епохите и стиловите - остана и кај новата генерација. Банкнотите носат исти принтови на архитектонски достигнувања од различни периоди. Дваесетката така и натаму на себе ќе ја има фасадата во готски стил, додека десетката и натаму носи лак во римски стил.
Памук наместо хартија
Во оптек прво ќе бидат пуштени 4,5 милијарди банкноти од 20 евра. Нивното печатење чинеше 360 милиони евра - осум центи по банкнота. Кој банкнотите колоквијално ги нарекува хартиени пари всушност греши. Евро-банкнотите како основа имаат чист памук.
17 милијарди банкноти
Еврото е официјална валута во 19 земји од еврозоната, како и во Црна Гора и на Косово. Во овие земји живеат вкупно повеќе од 340 милиона луѓе. Во оптек во моментов има 17 милијарди банкноти со вкупна вредност од околу еден билион евра.