Прославите завршија, Македонија е пред жешко работно лето
16 јули 2018Завршија прославите за поканата од НАТО и за доделениот датум за преговори со ЕУ. Од денеска Македонија влегува во работни 365 денови кои ќе бидат одбележани со голем број обврски за да се реализираат интеграциските цели. Утре (17.7), со најавеното доаѓање на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, практично започнува т.н. скрининг процес за Македонија, откако на земјата и беше одреден датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ во јуни 2019 година. Се очекува да биде познато кој ќе биде шеф на државната делегација за преговори, и шеф на главниот преговарачки тим. Надлежностите на двете тела се поделени. Државната делегација го води политичкиот дел на преговорите и средбите на меѓувладината конференција, а главниот преговарачки тим ја има задачата да ги води преговорите на техничко и експертско ниво. Во процесот на транзитирање од држава кандидат (Candidate Country) кон држава во процес на пристапување (Accession Country), ќе се користат искуствата на Хрватска која веќе е членка на ЕУ, но и на Србија и Црна Гора, кои се наоѓаат во различни фази од преговорите. Нивните искуства говорат дека за потребите на преговарачката структура за 33 поглавја биле формирани 33 работни групи во кои биле ангажирани над 1.000 членови.
Мобилизација на сите капацитети
Пред истата обврска е и Македонија. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, смета дека Македонија има капацитети да одговори на сите предизвици, со оглед дека со години се подготвува за историскиот момент.
„Со добивањето датум, ќе сe мобилизира сето искуство кое е наталожено во цели генерации. Оваа енергија од НАТО и од ЕУ нема да остави ниту еден камен без да се мрдне во Македонија, во функција на создавање на оваа перспектива која ја очекуваат граѓаните од нас. Со доаѓањето на комесарот Хан започнува скринингот. Тоа значи дека ќе се направи пресек за тоа каде се наоѓаме, и каде треба да стигнеме, за да го процениме просторот кој треба да го пополниме. Тоа ќе ни создаде и временска, но и просторна рамка за имплементирање на сите потребни критериуми“, објаснува Османи.
Повеќе:
-Заев повика на славје по поканата од НАТО
-Поканата за НАТО потпишана, следуваат критични месеци
-Заев за ДВ: Гордо ќе зачекориме низ вратите на Европа
И на минатонеделниот 14-ти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу РМ и ЕУ, Османи потенцираше дека покрај подготовката за преговори, Владата ќе го задржи и продлабочи позитивниот реформски импулс.
„Целта на овие реформи, но и на самите преговори, покрај членството во Унијата, се и придобивките од суштинската трансформација на земјата во европско демократско општество со функционална пазарна економија, ефикасни институции и професионална администрација“, изјави Османи, потенцирајќи дека пристапните преговори се комплексен и обемен процес, во кој ќе биде потребен ангажман на целото општество, академската јавност, граѓанскиот сектор, а покана за учество во овој процес упати и до опозицијата.
Затегнати односите меѓу власта и опозицијата
Најголемата опозициска партија декларативно ги поддржува процесите за интеграција во ЕУ и НАТО, но не преку постигнатиот Договор со Грција. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ досега не даде одговор како земјата ќе ги реализира тие стратегиски приоритети без решен спор за името, што е услов и за членство во ЕУ, и за членство во НАТО. До овој момент партијата нема соопштено ни став во однос на планираниот рефрендум. Се очекува тоа да биде појасно по меѓупартиските консултации кои треба да започнат деновиве, но и да се деболкира изборот на нов состав на Државната Изборна Комисија, кој опозицијата го условува со законски измени кои ќе овозможат функционирање на т.н „пржинска влада“ пред секои избори. Мицкоски на власта и порача дека тоа не е условување.
„Бараме само фер услови да можеме да ве декласираме на следните предвремени парламентарни избори. Тоа го бараме и толку ли е многу страшно, толку ли е потребна власта, толку ли не сакате да се пуштите од власта? Јас ве разбирам, таа власт ви е неопходна да ги обелите вашите криминални досиеја, да можете да заработите уште неколку десетици милиони евра. Но на тоа ќе му дојде крајот и за тоа ќе одговарате“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им се важни ниту интересите на граѓаните, ниту иднината на Македонија, нивната единствена политичка мисија е одбраната на криминалот сторен од врвот на партијата“, реплицираа од СДСМ.
„Целосното расчистување на криминалот и насилството од 27-ми април е врвен државен интерес. Секој за кој ќе се утврди дека го прекршил законот ќе одговара и за тоа нема никакво пазарање ниту договарање. Граѓаните се цврсто определени за членство во ЕУ и влез во НАТО за европска иднина и не сакаат да се вратат во времето на изолација, поделби и неизвесност“, порачаа социјалдемократите.
Мицкоски, пак, вчера се закани и со ревизија на судските одлуки за Заев.
„Кога ме повикувате, ајде да ја славиме иднината европска на Македонија, ќе ви одговорам: ќе ја славиме таа иднина, но најпрвин ќе завршиме со криминалот и ревизија на аболицијата за 'Глобал'. Ќе завршиме со ревизија на ослободителната пресуда за 'Поткуп' и нема да биде Кацарска, ќе биде независен судија и обвинител, кој што ќе досуди казна која што ја заслужуваш. Ќе завршиме со минатото, па потоа ќе градиме европска иднина“, порача Мицкоски од Кавадарци.
Музичарите знаеле за што настапуваат
По ваквите пораки, засега е неизвесно колку партиите ќе најдат заеднички јазик. И прославата што во саботата ја организираше Владата по повод поканата за членство во НАТО, стана повод за нови критики од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата обвини дека музички ѕвезди биле излажани за поводот за настапот.
„Нека не се залажуваат со онакви прослави на кои учествуваа прелажани уметници, на кои треба да славиме дека сме влегле во НАТО и ЕУ, а всушност сме многу далеку од нив. Далеку сме затоа што во НАТО и во ЕУ не се лажат артистите дека ќе се претставеле пред народот, а всушност грубо се злоупотребени за политички цели“, обвини Христијан Мицкоски од вчерашниот протестен марш во Кавардарци.
Но, дел од медиумите го објавија авторскиот договор со уметниците, според кој се гледа дека сите биле јасно информирани за поводот за кој ќе настапуваат. Во членот 1 пишува дека „предмет на Договорот е музичко сценска изведба по повод прослава за поканата од НАТО за членство на Република Македонија во НАТО, за настанот „Одиме напред - Македонија во НАТО и ЕУ“.