Путиновата виртуелна победа над Америка
2 март 2018Руските избирачи сакаат победи, посебно победи над омразената Америка. Во своите први два мандата како претседател, Владимир Путин им помагаше на руските граѓани дистигнување невидено зголемување на благосостојбата. Но, апсолутната кулминација во неговата популарност започна во неговиот трет мандат, со освојувањето на Крим. Според мислењето на многумина, тогаш дефинитивно му удри шлаканица на Вашингтон.
Благодарение на неуморните ангажмани на државната телевизија и другите про-Кремљ медиуми, Русите како натамошно извонредно постигање на својата земја и соодветно на тоа и победа на Путин, ја сметаат воената операција во Сирија. Но, во пресрет на претседателските избори на 18. март, рускиот претседател очигледно сакаше на своите гласачи да им понуди нешто ново, пресно, но не помалку амбицизоно.
За таа цел тој посегна по, од внатрешнополитички аспект, брилијантен ПР-потег: две и пол недели пред изборите, најави дека во областа на вооружувањето, Русија извојувала победа над Америка. Цели 45 минути, речиси половината од времетраењето на својот најважен говор пред изборите, тој му посвети на детален извештај за најновите руски ракети, подводните дронови, борбените ласери и други системи со кои лесно може да се заобиколи американската ракетна одбрана и практично ја прави сосем безначајна.
Повеќе на темата:
Претседателски избори во Русија: Путин и седумте џуџиња
САД ја обвинуваат Русија за хакерски напади
Лавров и Студената војна: Порано беше сѐ подобро
Видео-презентација на оружените системи
На огромните екрани наизменично беа прикажувани видеоклипови, документирачки снимки и компјутерски анимации. Беше презентирано како можат да бидат стартувани сите можни ракети, начинот на кој елегантно ги одминуваат пречките и пресретнувачките системи и конечно погодуваат одредени цели во океан или во прекуокеанското копно.
Очигледно, оваа виртуелна победа над Америка е џокерот со кој Путин сака триумфално да освои четврт претседателски мандат. По претставувањето на сите овие грандиозни воени и технички новитети, силно избледе првиот дел од неговиот говор, во кој тој вети зголемување за 1,5 пати на приходите по човек до средината на идната деценија, како и удвојување на издатоците и инвестициите во здравството, изградбата на сообраќајна инфраструктура и развојот на градовите.
А сето тоа се само добри намери, планови, долгорочни цели, при што е нејасно од каде ќе се обезбедат пари за удвојување на вложувањата. Путин во решавачките прашања околу финансирањето беше зачудувачки краток, едноставно ги прелета. Тој единствено се заложи за поголема ефикасност во јавните расходи и навести покачувања на даноците. Наспроти тоа, новите оружја веќе ги има, тие се реалност, увери Претседателот. Поминати се сите тестови и сега ќе бидат лиферувани на војската.
Трагата на парите
Сега станува јасно на што се концентрирала интензивно Русија во последните 15 години под раководство на Путин, на што бил трошен значаен дел од приходите од нафта и гас, каде биле ангажирани најдобрите математичари, конструктори и инженери во земјата, зошто цивилните високи технологии заостануваат, здравството се влошува, луѓето ги напуштаат помалите градови и зошто не се градеа патишта.
Рускиот претседател целата одговорност ја префрли врз Американците и нивните ракетни системи за одбрана. Аргументите на САД зошто мора да се стационираат токму во близина на руските граници, во Романија и во Полска, на почеток навистина не беа многу убедливи. Вашингтон недвојбено ја провоцираше Москва на преземање контрамерки, но гордиот Кремљ, без оглед на слабоста на руската економија, преферираше „контраудар“, наместо да ги преземе сите можни дипломатски напори за да најде за двете страни прифатливо решение.
Тешко е да се поверува дека Русија притоа се раководела исклучиво од потребата за своја одбрана - по анексијата на Крим, окупацијата на Дебалцево во источна Украина, бомбардирањето на Алепо во Сирија и постојано повторуваните сајбер-напади во Америка и Европа.
Руска стратешка предност
Во суштина, рускиот претседател вчера, на 1. март 2018. година, првпат го информираше светот за гигантската руска програма за повторно вооружување. Уште повеќе, тој истакна дека никој во светот не поседува вакви оружја. Со други зборови, Русија има постигнато стратешка предност.
Тоа нема да остане без одговор. Ако познатиот говор на Путин на Минхенската безбедносна конференција во 2007. година може да се вреднува за предвесник на почеток на Студена војна помеѓу Русија и Западот, тогаш сегашната беспримерна видео-презентација во Москва може да се смета за стартен сигнал за нова рунда во глобалната трка во вооружување, по што нема да следи одговор само од Вашингтон. Путиновиот мултимедијален говор во САД сигурно ќе потсети на заканите од севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за ракетен напад врз американска територија. А на европските НАТО-членки, вклучувајќи ја и Германија, секако нема да им остане друга можност освен зголемување на издатоците за одбрана на најмалку два проценти од БДП.
Сега веќе нема сомнеж: четвртиот мандат на Путин ќе биде доминиран од растечка воена конфронтација во рамките на глобален натпревар во вооружување помеѓу Русија од една и САД и НАТО од друга страна. Во ваква ситуација, на Москва едноставно не би ѝ останале пари за сите тие прекрасни мерки за подобрување на животниот стандард на рускиот народ, за кои Путин зборуваше во првиот дел од неговиот говор.