Путин се пофали дека има непобедливо оружје
1 март 2018Русија развила нова генерација на хиперсонични проектили, рече денеска Путин, предупредувајќи дека глобалните сили сега мораат да водат сметка за руската воена моќ.
Путин, кој очекува за неколку недели да го добие четвртиот мандат на чело на државата, пред пратениците во парламентот покажа серија анимирани видеа од оружјето кое може да маневрира преку планини и океани, дури и преку Атлантикот. Тој рече дека со ова го исполнил ветувањето од 2004 година дека Русија ќе развие нова генерација орудија.
„Никој тогаш не сакаше да разговара со нас. Никој не сакаше да нѐ слуша. Слушајте нѐ сега“, порача Путин, поздравен со овации од присутните во салата.
Хиперсоничниот проектил може да патува 20 пати побрзо од брзината на звукот и да маневрира во различни правци.
„Ова го прави апсолутно непобедливо за било какви форми на воздушна или ракетна одбрана“, рече Путин, нарекувајќи го „идеално оружје“.
Рускиот претседател информираше дека се развива и нов систем на ракетни фрлачи нарече „Кинжал“ или „Нож“, како и подводни воени уреди кои се движат далеку побрзо од подморници и торпеда и можат да носат нуклеарна боева глава.
Технолошката предност која ја добива Русија со новите оружја, според Путин, го прави бескорисно трупањето на војници на НАТО на нејзините граници.
„Се надевам дека сѐ што кажав денеска ќе ги отрезни потенцијалните агресори“, рече тој, додавајќи дека Русија нема намера да нападне друга држава.
Путин најави и натпревар во кој граѓаните ќе добијат можност да им даваат имиња на овие и други модерни типови оружја кои се развиени во меѓувреме.