1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев: Се кршат правата на Бугарите во С. Македонија

ДТЗ
26 јули 2021

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Бугарите ќе бидат вметнати во македонскиот Устав, но пред самото пристапување во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3y5lQ
Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Фотографија: Government North Macedonia

Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен за време на денешната посета на австрискиот град Салцбург.

-повеќе на темата: Софија сака да ги види и Бугарите во македонскиот Устав

Претседателот Радев истакнал дека Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која смета дека не треба да биде ограничена на формалните фази во процесот на пристапување и не може да им наштетува на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности. Радев и Ван дер Белен се согласиле дека европската интеграција на земјите од регионот е во интерес на стабилноста и економскиот развој на Европа, а во врска со постигнувањето напредок во европската интеграција на РС Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекуваат јасна политичка волја од соседната земја за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, потпишан во 2017 година.

„Иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор”, истакнал Радев, како што пренесува дописникот на МИА во Софија.

Уставот ќе се отвори пред влезот во ЕУ

Ваквите изјави доаѓаат само неколку дена откако вршителот на должност шеф на бугарската дипломатија, Светлан Стоев изјави дека Министерството за надворешни работи би сакало и Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата.

-повеќе на темата: Пендаровски контра Османи: Нема потреба од измени на Уставот

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Бугарите ќе бидат вметнати во македонскиот Устав, но пред самото пристапување во ЕУ. Тогаш се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него.

„Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав спроти пристапувањето“, истакна Заев. Во однос на тоа дали ако бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.