1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расположението во германското стопанство - катастрофално

ЖА / агенции
24 април 2020

Деловната клима во германските претпријатија во време на корона-кризата доживеа историскo дно. „Корона-кризата удира врз германската економија со целата жестина“, истакнува директорот на Ифо-институтот, Фуест.

https://p.dw.com/p/3bM76
Symbolbild Deutschland Geschäftsklimaindex VW Autos
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ифо-индексот на деловната клима во април падна на 74,3 поени, соопшти денеска Институтот од Минхен, што е најниска досега измерена вредност. Во март тој изнесуваше 85,9 поени.

„Толку силно назадување не е воопшто забележано досега. Расположението меѓу германските стопанственици е катастрофално“, изјави директорот на ИФО-институтот, Клеменс Фуест.

Тоа се должи првенствено на масивното влошување на актуелната ситуација, што ги принудува стопанствениците на уште попесимистички прогнози за наредните месеци. „Корона-кризата удира врз германската економија со целата жестина“, истакнува Фуест.

Во преработувачката индустрија индексот на деловната клима е на најниско ниво од март 2009 година. Деловната ситуација на индустриските фирмие драматично влошена, очекувањата се под печатот на „масивен песимизам“, побарувачката по индустриски производи доживува крах.

Во секторот на услужни дејности, според индексот на деловната клима Ифо, расположението исто така е на најниска точка, никогаш досега не се гледало толку црно на перспективите, владее досега невиден песимизам. Слично е и со трговијата, негативниот рекорд од март ги надмина најцрните претпоставки.

Во градежништвото е забележан исто така досега невиден голем пад на индексот Ифо, како во поглед на актуелната ситуација, така и во однос на очекувањата за во иднина. Сепак, некои градежни фирми се главно задоволни од својата сегашна позиција.

Германската економија ги доживува „најтешките времиња од обединувањето наваму“, истакнува Ифо-експертот Клаус Волрабе. Последица ќе биде масивен пад на Бруто домашниот производ во вториот квартал. Големината на падот уште не може да се процени поконкретно: „Знаци за опоравување можат да се очекуваат најрано кон средината на годината“, вели економистот. 

Месечниот индекс на Ифо-институтот за деловната клима во Германија, кој се објавува од 1972 година, се смета за важен конјуктурен барометар, а се пресметува врз основа на анкетата меѓу околу 9.000 менаџери.