1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црната листа - ветер во грб за демократијата

ДТЗ
9 јуни 2021

САД испратија порака за куп негатори, мрчатори, поткопувачи, блокатори, вели Заев. Партиите различно го толкуваат потегот на Бајден кој издаде декрет за Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/3ufRB
Washington Außenministerium Rede USA Außenpolitik Biden
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Ветер во грб за демократијата, казнување на криминалот и јасна поддршка за Преспанскиот договор – вака дел од македонските политичари, експерти и професори ја коментираат најновата одлука на претседателот на САД, Џо Бајден кој издаде декрет за земјите од Западниот Балкан со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите оние кои работат против клучните договори во регионот. Други пак, порачуваат, дека и понатаму ќе се борат против „штетни договори“ како што се Преспанскиот и Рамковниот договор и ја повикаа Амбасадата на САД да не чека и да ги стави веднаш на „црната листа“.

Порака за негатори и мрчатори

„Среќен сум што претседателот на најголемиот стратешки партнер на Северна Македонија - САД испрати фокус и внимание кон Западен Балкан и кон вредностите за кои се залага оваа Влада. Исто така испрати порака кон сите поткопувачи на овие демократски вредности“, изјави премиерот Зоран Заев по декретот на американскиот претседател Бајден, со кој се најавува дека САД ќе ги става на црна листа сите кои работат против Преспанскиот и Охридскиот договор и работат на дестабилизација на Западен Балкан.

Nordmazedonien DW-Interview Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev
САД испрати порака кон сите поткопувачи на овие демократски вредности, вели премиерот Зоран Заев.Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Во едни такви околности е испратена една порака за еден куп негатори, мрчатори, поткопувачи, блокатори и слично дека ова е пресериозна работа за да може некој да си прави политиканство на нездрави основи“, вели Заев. За него, ова значи ветер во грб за сите што веруваат во демократијата, во слободите и во отклонувањето на девијантните појави во општеството.

„САД, најсовршената демократија, така да ја кажам, ја испраќа оваа чиста порака за нас и тоа е сериозна порака на охрабрување. Така што и покрај охрабрување и дополнителна мотивација дека сме на вистинскиот пат, дека тоа е патот по којшто целиот демократски свет очекува да се развива иднината на сите земји па така и за нашата демократска земја, нашата република“, смета премиерот.

Партиите со различни ставови

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ излегоа со реакции за црната листа на Бајден. Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски вели дека членството во НАТО, заштитата на националниот идентитет и членството во ЕУ се стратешки приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. „Ние ја почитуваме и ќе ја почитуваме волјата на граѓаните“, изјави Муцунски.

-повеќе на темата: САД ќе ги става на црна листа сите кои се против Охридскиот и Преспанскиот договор

Антониjо Милошоски, кој е претседател на собраниската Комисија за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, оценува дека добра работа во врска со декретот на администрацијата на Бајден, е заложбата за казнување на сите инволвирани во корупција.

Aspen Konferenz
Добра работа во врска со декретот на администрацијата на Бајден, е заложбата за казнување на сите инволвирани во корупција, вели Антонијо Милошоски.Фотографија: DW

Владејачката СДСМ, пак, ја обвини опозициската партија дека е антизападна и дека е против државните интереси. Власта смета дека ВМРО-ДПМНЕ е против членството во НАТО и ЕУ и против стратешките интереси.„Со оваа одлука се проширува опфатот на санкциите и врз оние лица или ентитети што ги загрозуваат Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор“, соопшти пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.

На ваквата одлука се огласи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. „Здраво Кале. Ај да се самопријавам со време, да не имате листа на чекање“, напиша Апасиев на Фејсбук. Левица смета дека договорите како Рамковниот договор и тој од Преспа, и на Бугарија промовираат регионална нестабилност. „Искуството со години покажа дека Охридскиот договор е само средство за задоволување на тесните партиски интереси на ДУИ, која е на власт 20 години. Посветена на левичарската традиција до крај, „Левица“ ќе продолжи да се спротивставува на сите штетни политики и договори кои се спротивни на националните интереси, утврдени од АСНОМ“, наведуваат од партијата.

Поддршка за Преспанскиот договор

На црната листа може да се најде секој кој директно или индиректно ги нарушува мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан. Понатаму, секој кој директно или индиректно се впушта во акции или политики кои ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот. Секој кој извршил или поддржал злоупотреби на човекови права. Секој кој бил вмешан, директно или индиректно, во корупција или поткуп, вклучително и владини претставници на сите нивоа.Третата точка од декретот ги наведува и сите договори во регионот кои САД ги сметаат за клучни, а чии противници и лица кои работат против нив ќе се најдат на црната листа. Освен Охридскиот и Преспанскиот, тука се уште и Дејтонскиот мировен договор, Резолуцијата 1244 на ОН, како и Хашкиот трибунал, и други. На листата засега нема имиња на ниту еден регионален политичар.

Weltspiegel | 04.06.2021 | Joe Biden
Одлуката на Џо Бајден се толкува како поддршка на Преспанскиот договор,Фотографија: S/MPI/Capital Pictures/picture alliance

„Одлуката на Џо Бајден е поддршка на Преспанскиот договор, која содржи порака до сите тие кои сакаат тој договор да не произведува правно дејство, или замислуват дека утре, кога ќе дојдат на власт, можат да го сменат, дека такво нешто не е можно и дека тоа не е само против интересите на Македонија, туку и против интересите на САД“, вели за „Слободен печат“, меѓународната судијка Маргарита Цаца Николовска. Според неа, ова значи дека е во сила Стратешкиот договор, кој исто така земјата го има склучено со САД, и дека произведува ефекти. „Најважното е дека со ова се укажува дека ваквите договори, меѓу кои и Преспанскиот договор, кој е поддржан од целата меѓународна јавност, не треба да се минимизираат или омаловажуваат, заради тоа што ја зајакнуват стабилноста на една земја“, додава Цаца Николовска.

Според новинарот Зоран Иванов, декретот на Бајден не значи забрана за организирање протести против Преспанскиот договор или против некои негативни емоции околу него. „Американската демократија е раширена во светот. Луѓето кои се одговорни за спроведувањето на меѓудржавните договори, треба и мора да се држат до тоа што пишува таму и да се имплементира до крај. Бајден со два збора и еден потпис ја распарчи идејата за „Илирида“ и тоа е силна порака до сите, да си ги соберат јазиците и да не помислуваат на никакви големи држави“, изјави Иванов во емисијата „Само вистина“.

-повеќе на темата: Аналитичари за санкциите на САД: Јасно е кој ќе биде на удар!

Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски во емисијата 24 анализа истакна дека е легитимно САД да имаат своја политика кон Балканот, зошто е клучна сила уште од 1990 година со големо политичко, финансиско и економско влијание. Тие се вложиле многу во делот со Преспанскиот договор и сега ја бранат таа своја политика. „Легитимен е нивниот интерес околу Преспанскиот договор, но легитимен е и нашиот интерес. За нас ова е суштинско прашање, зошто очигледно легимитетот на Северна не го признаваат голем број од населението. Со демократски средства сакаат овој договор да се прилагоди на потребите на македонскиот народ“, вели Боцевски.