Ревизијата на учебниците и визијата за мир
4 март 2019Замислете си на Балканот еден ден да стане можно да се печатат учебници по историја, на пример, за македонските и за грчките ученици, со идентична содржина, на македонски и на грчки. Тоа што во овој миг на Балканот се присторува како далечна утопија, во Германија и Франција стана реалност уште 2006-та. Тогаш беше отпечатен првиот германско-француски учебник. Историска читанка со идентична содржина, на француски и на германски. 2006-та, најнапред, излезе од печат третиот дел од учебникот, оној, во кој е прикажана историјата по 1945-тата. Вториот дел излезе 2008-та, а третиот 2011-та. Француската верзија ја објави издавачот во Париз, „Натан“, а германската издавачот Клет Кота, во Штутгарт. Учебникот е наменет за гимназиите.
За волја на вистината, уште 1930-тата имаше идеја за заеднички француско-германски учебник по историја, но таа никогаш не се реализираше. Дури 1963-та, кога во Елизејската палата во Париз беше потпишан француско-германскиот договор за соработка и пријателство, вистински започна процесот на помирување на двата народа. Истата година беше формирана Француско-германската младинска организација (на германски, Jugendwerk), која има за цел да ги поврзе во интензивна соработка младите од двете земји. Оваа организација се покажа како најуспешната форма за соработката помеѓу Франција и Германија. 2003-та младинската организација во Берлин формираше „Француско-германски младински парламент“. Со тоа младите Французи и Германци свечено потсетија на четирите децении од потпишувањето на договорот за мир и соработка на нивните земји. Тие објавија резолуција, во која побараа од двете влади да се отпечати учебник по историја со идентична содржина, за да се надминат стереотипите и разликите во националната рецепција на одредени периоди и личности од заедничката историја. Патем, резолуцијата во целост ги отсликува целите и заложбите на комисиите за ревизија на учебниците во сиот долг период на преговорите помеѓу Франција и Германија. Германскиот канцелар и францускиот претседател изразија поддршка на барањето на младите. Во Франција за печатењето на учебниците одлучува министерот за образование. Во Германија, пак, тоа е надлежност на покраинските влади. Тие не се сложија веднаш со барањето на младите. Но, официјалниот претставник за германско-француската соработка, премиерот на покраината Сар, Петер Милер, ја поддржа иницијативата. Нему му појде од рака да ги увери членовите на постојаната конференција на министрите за образование на покраинските влади и тие да застанат зад иницијативата.
Други колумни од авторката:
Естетика и политика - кој дух владее со Скопје?
Што значи „европска Македонија“?
Веднаш беше донесено решение за заедничка билатерална француско-германска комисија од стручњаци која изработи концепт за заедничкиот учебник по историја. Само три години по основањето на зедничката комисија, веќе беше отпечатен првиот том од француско-германскиот учебник по историја. Ентузијазмот и брзото темпо со кое се реализираше проектот произлезе од силната симболична функција која ја имаше овој учебник. Секако, при изготвувањето на учебникот имаше и разлики во мислењата. Особено во однос на некои поими од историскиот и политички дискурс (држава, нација, култура, религија) кои во двете земји различно се толкуваат. Тоа, пак, што на овој учебник му претходеше долгогодишната работа на мешовитите комисии за ревизија на учебниците, помогна за многу проблеми брзо да се најде прифатливо толкување. Онаму каде што разликите останаа ненадминати, на проблемот беше укажано со посебно објаснување во учебникот. Особено преводот на истите поими во двата јазика бараше такви додатни толкувања. И покрај бинационалниот карактер на учебниците, сѐ уште има и критика на одредени точки. Но, тоа само покажува дека таквите заеднички проекти имаат смисла како постојана и интензивна размена на мислења.
Ревизијата е деконтаминација
Идејата за ревизија на учебниците како средство за долгорочно спречување на воените конфликти не е измислица на ЕУ, како што сакаат да веруваат противниците на Преспанскиот договор во Македонија. Ниту пак ревизијата на учебниците значи „бришење“ на историјата на еден народ. Ревизијата, всушност, значи „деконтаминација“ на историските содржини од националистичката политичка идеологија. Сознанието дека за идниот мир во светот ќе станува сѐ поважно мирољубивото образование се јавува уште на крајот на 19. век. Значи, во времето кога се формираат националните држави, кои се легитимираат со, во нивното сфаќање, сопствен историски наратив. Многу слободоумни умови во Европа тогаш се застапуваат за еден вид „културна дипломатија“. Тие, имено, веруваат дека образованието, науката и културата можат да ги обединат националните држави во мирољубиви проекти. Секако, таа идеја не вроди особени резултати. Но, сепак, вербата во тоа дека културата е најдоброто средство за презентација на една земја во меѓународни рамки остана актуелна до ден-денес. Во 1919-та е формирана асоцијацијата „Норден“. Во неа членуваа Данска, Норвешка, Шведска, Финска и Исланд. Асоцијацијата се занимава со ревизијата на учебниците по историја во скандинавските земји. Ова искуство подоцна стана успешен пример за ревизијата на историските учебници како проект поддржан од владите, според кој една мешовита комисија редовно ги прегледува учебниците по историја.
За спречување на воените конфликти и „Лигата на народите" бараше да се направи ревизија на содржините во учебниците по историја, и тоа уште 1926-та. А и германско-француското здружение на наставници истата година се заложува за „деконтаминација" на учебниците. Тоа, сепак, се случи дури во процесот кој започна 1951-та, со ревизијата на француско-германските учебници. Тоа е еден од најинтензивните билатерални проекти на помирување преку ревизија на историските читанки. Тоа беше првата сериозна проверка на учебниците по Втората светска војна. Во текот на долги години, во француско-германската комисија, беа разгледани перспективите и беа дадени насоките како во учебниците може да се толкуваат периодите на „споделена историја и георграфија”. Заедно со германско-полската комисија, која започна да работи по 1972-тата, француско-германскиот проект за ревизија на учебниците стана модел за решавање на слични историски констелации и пример за успешна меѓудржавна соработка. За подобра организација на активностите веќе 1951-та беше формиран Институтот за меѓународна ревизија на учебниците во Брауншвајг, Западна Германија. Од 1975-та овој институт го доби името „Георг Екерт - меѓународен институт за истражување на учебниците".
Воспитание за мир и демократија
По 1945-та беа востановени проекти за ревизија на историските учебници помеѓу западноевропските, помеѓу источноевропските и помеѓу западно- и источноевропските земји. Во исто време постоеја слични процеси и помеѓу европските и неевропските земји. Од 1966-та започнаа слични билатерални процеси и помеѓу источноевропските земји, членки на Варшавскиот пакт. Целта на овие процеси беше да се создадат принципите на социјалистичката ревизија на историските учебници.
„Војните започнуваат во умот на луѓето”, тоа беше поентата на статутот на УНЕСКО потишан 1945-та. Разликите во мислењата, кои водат до воени конфликти, во крајна инстанца, се производи на човечкиот дух, односно, на политичката индоктринација. Заложбата за ревизија на историските учебници има за цел да се промени сликата за себе и за Другиот, за соседниот народ. Тоа значи, демократот, мирољубивиот граѓанин треба допрва да се образува и воспитува. Учебниците ни ја презентираатт првата слика за нас самите и за Другите. Тие се првата средба со туѓото и со непознатото. Тие, како масовни медиуми, имаат голема моќ врз децата и младите луѓе. Затоа е значајно неутралното претставување на историјата, оти тоа помага да се формира воспитание за мир и демократија.