1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумите ќе ја отворат Пандорината кутија

18 септември 2017

Министерството за локална самоуправа, кое е надлежно за надзор во законитоста на одлуките на локалните власти, необјасниво молчи за најавените референдуми за мигрантите. Експертите предупредуваат дека има незаконитости.

https://p.dw.com/p/2k9ht
Mazedonien Stacheldraht an der Grenze zu Griechenland bei Gevgelija
Каде се бегалците? Во Македонија има само неколкумина баратели на азил, и 37 лица кои бараат транзит низ земјатаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Референдумите, на кои се бара граѓаните да се изјаснат дали се за или против населување на мигранти во нивната општина, се директно и опасно отворање на Пандорината кутија, предупредуваат правни експерти. Според нив, ако се одржат такви референдуми, тоа значи дека локалните власти незаконито ќе воведат практика на постојано (пре)оценување на одлуки донесени од централната власт.

„Не може за прашања од централно значење да се распишуваат референдуми од локален карактер. Утре, Советите на општините може да побараат, на пример, одржување на референдум по прашањето дали граѓаните го прифаќаат Законот за употреба на јазиците на подрачјето на нивната општина. Што ќе значи тоа? Дека во едни општини ќе се применува, а во други не? Затоа, дозволувањето на вакви рефрендуми, чија законитост е доведена во прашање, ќе значи отворање на Пандорината кутија и вовед во хаос“, се согласуваат повеќе правни експерти со кои разговараше ДВ. 

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Опозицијата ја предупредува ДИК

Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Кочани, Неготино, Кавадарци, Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Гевгелија, Радовиш.., се дел од 20-тина општини каде се донесени одлуки граѓаните на денот на одржувањето на локалните избори (15-ти октомври) да се изјаснат и за владината стратегија за мигранти. Темата повеќе од еден месец е предмет на дистрибиција на лажни вести - од тоа колку станови за мигранти ќе се градат, колкави привилегии ќе добијат тие, па до тоа дека ќе им ги земат работните места на граѓаните на Македонија. Сето тоа се случува во време кога земјата воопшто не се соочува со мигрантски бран, и кога вкупниот број на лица кои побарале азил во Македонија е седум (7). И покрај тоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оваа тема ја држи под висок интензитет во нејзината партиска агенда, особено во пресрет на локалните избори. 

„Граѓаните во огромен број застанаа против планот на владата на СДСМ за населување мигранти во нашата држава и не смее да биде погазена волјата на граѓаните“, во континуитет порачува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Државната изборна комисија не смее да дозволи да подлегне под притисоците на СДСM, и нејзина должност е да ги спроведе локалните референдум за мигрантите. Во спротивно, претседателот на ДИК, Чичаковски и сите членови кои ќе гласаат за таква одлука кривично ќе одговараат“, предупреди на прес-конференција Милош Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Zentrale Wahlkommission
Од ДИК велат дека наскоро на седница ќе расправаат за ова прашањеФотографија: DW/P. Stojanovski

Зошто молчи министерството?

Но, дали ДИК е вистинската адреса од која се бара одговор? Правните експерти кои ги консултираше ДВ, тврдат дека во случајов е доведена во прашање законитоста на одлуките за распишување референдум, а ДИК не е надлежна да се изјаснува за нивната законитост.  

„Законитоста на одлуките за распишување на референдумите е спорна, бидејќи истите се донесени спротивно на член 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Согласно член 71 од Законот за локална самоуправа, надлежен орган за започнување на постапка за оценување на законитоста е Министерството за локална самоуправа или неговиот Инспекторат“, обајснуваат тие.

Според тоа, ДИК не може да се впушта во што било, пред Министерството за локална самоуправа да изврши надзор над законитоста на ваквите одлуки донесени од општините. Според членот 71 од Законот за локална самоуправа, градоначалниците се должни во рок од 10 дена од денот на нивното објавување, да ги достават прописите на општината до Министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа. Ако органот смета дека прописот не е во согласност со Уставот и со закон, во рок од 45 од денот на доставувањето на прописот, донесува решение за запирање на примената на прописот, со кое ги образложува и причините за запирањето.

Бегалците - опасност или измислица

Според членот 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, „референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, градот Скопје и општините во градот Скопје“. 

Но, дури и кога не би била спорна законитоста на донесените одлуки за локални референдуми, експертите го истакнуваат како спорно барањето тие референдуми да се одржат во ист ден со локалните избори. Тие потенцираат дека е различен начинот на спроведување на избори и на локален референдум, но и различен и начинот на заштита на избирачкото право, што може да создаде дополнителни проблеми.

И додека опозициската критика и внимание се вперена кон ДИК, прашањето е зошто молчи Министерството за локална самоуправа, кое е надлежно за законитоста надзор во законитоста на одлуките на локалните власти. Од таму деновиве се недостапни за одговор, а од  ДИК велат дека наскоро на седница ќе расправаат за ова прашање. Потенцираат дека јасно ќе посочат во што е нивната надежност, а во што не, со што ќе се оградат од евентуални проблеми кои би можеле да настанат во иднина, ако се игнорираат законите.