Референдум на 30 септември
30 јули 2018Одлуката на Парламентот е донесена со 68 гласа „за“ и без „против“ и „воздржан“. Референдумското прашање, согласно одлуката, ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Пратениците на ВМРИ-ДПМНЕ излегоа од собраниската сала пред гласањето, а по образложението изнесено од пратеникот Никола Мицевски дека референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста. Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што референдумот ќе биде консултативен, отвора можност за толкување на резултатите според слободна волја. Инаку, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 2 амандмана, но не присуствуваа во салата кога тие беа ставени на дневен ред и отфрлени од страна на мнозинството.
На гласањето за одлуката за референдум не присуствуваше ниту лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, кој претходно од говорницата рече дека неговата партија не ја поддржува одлуката.
Референдумот треба да го организира новиот состав на ДИК. Новоизбраните членови денеска дадоа свечени изјави во Собранието и се со привремен мандат од шест месеци. Партиите се договорија привремениот состав на ДИК да биде избран по стариот модел – со членови предложени од партиите со најмногу освоени гласови на последните избори.
Повеќе: Референдумот - трка со многу пречки
Претседател на Комисијата е Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, потпретседател е Дитмире Шеху од ДУИ. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кодарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата. Претседателот на Комисијата, Дерковски, изрази уверување дека ДИК успешно ќе одговори на предизвиците околу организацијата на референдумот.