Референдум: СДСМ ќе оди, ВМРО-ДПМНЕ се мисли
31 јули 2018„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?" Ова е прашањето на кое ќе треба да одговорат македонските граѓани на 30 септември годинава. Мнозинството пратеници во парламентот вчера го распишаа референдумот. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на гласањето, ниту учествуваа во дебатата по тој повод, иако поднесоа два амандманa.
Уште пред гласањето во парламентот, премиерот Зоран Заев ја повика опозицијата да се вклучи во кампањата за референдумот и да повика на гласање.
Засега нема дефинитивен одговор на овој апел од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата се јави со реакција во делот на референдумското прашање, оценувајќи го како манипулативно и непрецизно. Пратеникот Никола Мицевски изрази сомнеж и дека консултативниот карактер на референдумот остава можност власта да го толкува резултатот како сака.
И Милошоски бојкотира
На социјалните мрежи веќе извесно време активна е кампaњата под хаштагот #бојкотирам. Кон неа вчера се приклучи и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
И Обединетата македонска дијаспора повика на бојкот. „Вака поставеното прашање е неприфатливо поради својот манипулативен карактер кој го крие вистинскиот исход од договорот со Грција, кој подразбира промена на името на државата во Република Северна Македонија и бришење на македонската историја и посебност“, соопштија од ОМД. Во хорот противници на референдумот се приклучи и владиката Агатангел, кој со отворено писмо адресирано до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара да се бојкотира гласањето.
Од владата на ваквите ставови парираат со засилена кампања на социјалните медиуми во која се апострофираат придобивките од позитивното изјаснување на референдумот. Во главна улога најчесто е премиерот Зоран Заев:
„Под наши услови“
Шефот на дипломатијата Никола Димитров се огласи преку својот Фејсбук профил порачувајќи дека 30 септември е „денот кога ќе ставиме точка за тоа кои сме и на каков јазик зборуваме, овој пат под наши услови“. „Денот кога сами ќе ги отвориме вратите кон НАТО. Кон ЕУ. Кон иднината. Денот кога конечно ќе излеземе од чекалницата и привременоста. За да нѐ биде, за да си ја зацврстиме државноста и за да создадеме услови за пристоен старт на следната генерација“, напиша Димитров.
Ново охрабрување за владата стигна и од еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој во интервју за „Еуроактив“ ја издвои Македонија како позитивен пример во регионот. Тој образложи дека земјата постигнала значителен напредок во спроведувањето на договорот од Пржино и реформските приоритети на новата Влада, а ги пофали и договорите со Бугарија и Грција.
Организацијата на референдумот ќе ги чини граѓаните 3,4 милиони евра буџетски пари. Владата планира парите да бидат покриени од државниот буџет, преку прераспределба на средства од министерствата и другите државни институции.