1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде најголемиот приоритет на идното бугарско МНР?

СН/агенции
15 ноември 2021

Се надеваме дека со конструктивен начин на водење на преговори со Скопје ќе постигнеме многу подобри резултати од тие што имавме, изјави Кирил Петков од победничката партија на изборите во Бугарија.

https://p.dw.com/p/42zfB
Лидерот на бугарската партија „Продолжуваме со промената“, Кирил Петков најавува нов пристап на Софија во спорот со Скопје
Лидерот на бугарската партија „Продолжуваме со промената“, Кирил Петков најавува нов пристап на Софија во спорот со СкопјеФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Максимално брз работен процес за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје - ова го најави партијата „Продолжуваме со промената“ на двоецот Кирил Петков и Асен Василев, која според изборните резултати од парламентарните избори изби на прво место, пред ГЕРБ на Бојко Борисов.

Уште синоќа, по првите неофицијални резултати, Кирил Петков, еден од копретседавачите на партијата, од БНТ доби најдиректно прашање: Имате ли конкретни одговори на прашања кои уште сега се поставуваат - на пример, позицијата на Бугарија кон Северна Македонија во однос на проширувањето на ЕУ - имате ли категоричен став што треба да се направи сега?

„Да, имаме категоричен став што треба да се направи. Треба веднаш да направиме работни групи од двете земји, и Бугарија, и Македонија, кои ќе вклучуваат историчари, но ќе вклучуваат и луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, и да почнеме да разговараме, не само за историја, туку да разговараме за сѐ што може да постигнеме ако имаме добрососедски односи. Крајно време е да сфатиме дека не е нормално за да стигнам до Скопје да летам преку Виена, не е нормално да немаме железничка линија која ќе нѐ поврзува, не е нормално на бугарскиот бизнис да му е полесно да продава во Австралија, отколку во Македонија. Истото важи и за нашите колеги во Македонија. Ние треба да почнеме да зборуваме за сите нешта за кои може да имаме полза од добрососедските односи. Треба да ги направиме тие работни групи, тие да имаат јасни цели и ангажман за средба, на пример, еднаш месечно. Така што, да не се зборува само за ‘пред шест месеци’ и ‘да се фрла камен во соседното село’, ако може така да се изразам, туку реално да имаме работни групи. Ние треба да си ги заштитиме нашите национални интереси, тие треба да си ги заштитат нивните, но со заеднички услов - дека и двете земји може многу да постигнеме од добрососедските односи", изјави Петков.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Повеќе: Самит ЕУ-Западен Балкан: Бугарија остана единствен блокатор на С. Македонија

По забелешката дека конкретно решение за Северна Македонија треба да се донесе до 14-ти декември, Петков беше запрашан: Го симнува ли Бугарија ветото или не?

„Ние овде треба да направиме работен процес. Не може да зборуваме за крајни резултати без работен процес. И ние се ангажираме, дека тој работен процес можеби ќе биде најголемиот приоритет на идното Министерство за надворешни работи, за да започне максимално брзо и да не губиме време. Но, не можеме да кажеме тој датум или оној датум, без да видиме како се одвива тој процес, каков успех има. Но, сакаме да започнеме со добрососедство, со добронамерност и се надеваме дека со еден многу конструктивен начин на водење на тие преговори ќе постигнеме многу подобри резултати од тие што имавме можност да ги видиме досега“, рече Петков.

Сигурни за нова влада

Тој процес може да почне набрзо, со оглед дека во оваа партија се убедени оти по овие избори сигурно ќе биде формирана влада. Другиот копретседавач на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев, кој е поранешен министер за финансии во службената влада на Јанев, синоќа беше категоричен дека воопшто не размислуваат за варијанта за нови избори.

„Бугарските гласачи си ја завршија работата, сега ние треба да си ја завршиме нашата", рече Василев.

Уште синоќа, Петков, во разговор за БНТ најави дека ќе преговараат за нова Влада со сите партии со кои имаат заедничка цел: да запре корупцијата, да се смени главниот обвинител и да има реформа на судскиот систем. Нема да преговараат единствено со ГЕРБ и ДПС. Петков, кој исто така е поранешен министер (за економија) во службената влада на Стефан Јанев, потврди дека тој ќе биде партискиот кандидат за премиер.

„Но тоа нема да биде ‘црвена линија', бидејќи ќе ги слушнеме предлозите и на други партии, и на крајот заедно ќе решиме кој е најдобриот избор за Бугарија“, изјави Петков.

Дали новите избори конечно ќе донесат и стабилна политичка влада во Бугарија?
Дали новите избори конечно ќе донесат и стабилна политичка влада во Бугарија?Фотографија: BGNES

Дипломците од Харвард

Петков и Василев, и двајцата со дипломи од Харвард, брзо станаа популарни во бугарската јавност, иако од страна на политичките опонентите овие „јапи“ („young urban professional") момчиња често пати беа третирани во негативни конотации.

„Во САД Има една поговорка: ‘Зад секоја криза што се случува во нашата историја, стојат добрите намери на некој од Харвард’“. Со овие зборови поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев (2012-2017) во старт ја коментираше намерата за новиот политички проект на двајцата „харвардовци“, Петков и Василев.

Тие пак, во текот на кампањата зборуваа на јазик кој може да го разбере секој гласач - ја нагласуваа потребата од стопирање на корупцијата и потребата од владеење на правото.

„Време е да престанат кражбите, а луѓето, кои всушност инвестираат во државата - сите даночни обврзници, да го добиваат што го заслужуваат“, изјавуваше Петков.

„Ние не сме месии. Не велиме дека од водата ќе направиме вино! Тоа што го велиме е - дека секој од нас треба да ја земе мотиката и да го ископа лозјето, за да нема други што потоа ќе доаѓаат за да го ограбат грозјето“, порачуваше Василев.

Уште пред изборите тие најавија дека ќе бараат нов пристап за решавање на проблемот меѓу Скопје и Софија, оценувајќи никој ни во Бугарија, ни во Северна Македонија, нема корист од тоа што во моментов нема најдобри соседски односи меѓу двете земји.

„Луѓето треба да се чувствуваат спокојни, никој да не биде угнетуван, треба да има заеднички бизниси, групи студенти од двете земји да можат да се посетуваат меѓусебно, луѓето да се запознаат и да живеат поспокојно и во двете земји. Тогаш фокусот на историјата ќе се префрли на сегашноста и на она што можеме заедно да го направиме во иднина, бидејќи ако само гледаме назад, никогаш нема да направиме чекор напред“, изјави Василев пред изборите.