1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Двајца пациенти во Европа повторно заразени со коронавирус

БГ /РТР
25 август 2020

Двајца пациенти на европскиот континент кои еднаш го прележале коронавирусот се повторно заразени. Кај експертите расте загриженоста за имунитетот на луѓето поради вториот бран на пандемијата.

https://p.dw.com/p/3hUxx
Deutschland Corona-Teststelle am Flughafen Schönefeld
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Два случаи, по еден во Белгија и во Холандија, и претходно откриениот во Хонг Конг на човек кој бил заразен четири ипол месеци по првата инфекција со коронавирусот, се првите документирани ре-инфекции. Тоа ги зголеми стравовите за ефективноста на потенцијалните вакцини против коронавирусот, иако експертите велат дека ќе бидат потребни уште многу повеќе случаи на повторна зараза за да се оправда стравот.

Белгискиот виролог Марк Фан Ранст вели дека случајот во неговата земја е жена која за првпат се заразила со Ковид-19 во март, а вторпат во јуни. Тој очекува и други случаи на повторна зараза.

„Не знаеме дали ќе има голем број. Мислам дека веројатно не, но мора да почекаме“, вели вирологот.

„Можеби вакцината ќе мора да се повторува секоја година, или на секои две или три години. Но јасно е дека нема да имаме нешто што ќе трае во следните 10 години“, вели Ранст. Во случајот на белгиската жена, според експертот, симптомите биле лесни, а реинфекцијата би можела да се должи на тоа што нејзиниот организам не создал доволно антитела за да се спречи повторувањето, иако веројатно доволно за да се ограничи болеста.

Холандскиот Институт за јавно здравје исто така забележал случај на ре-инфекција. Вирологот Марион Копманс изјави дека се работело за постар пациент со ослабен имунитет. Таа вели дека досега биле познати случаи на луѓе кои долго боледувале од вирусот и болеста се повторувала. Но повторната инфекција, како во случаите во Белгија, Холандија и Хонг Конг, бара генетски тест на обете зарази за да се утврди дали има разлики во вирусот.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

Според Копманс, која е советничка на холандската влада, ре-инфекцијата била очекувана.

„Не ме плаши тоа што кај некој се повторила инфекцијата. Мораме да видиме дали тоа почесто ќе се случува“, вели таа.

Коментирајќи го случајот во Хонг Конг, портпаролката на СЗО Маргарет Харис вели дека и покрај анегдотските извештаи за ре-инфекции, важно е таквите случаи да се документираат.
Некои експерти велат дека е веројатно таквите случаи да се појавуваат поради зголеменото тестирање, а не затоа што вирусот мутирал или се шири на поинаков начин.

Во секој случај, ваквата појава е загрижувачка за професорот Дејвид Стрејн, прв човек на академскиот комитет на Британското медицинско здружение.

„Прво, тоа значи дека првичната инфекција не довела до заштита. Втората причина е што вакцинацијата можеби нема да ни ја донесе надежта која ја чекаме“, вели Стрејн.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи