1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија протера уште еден македонски дипломат

ДТЗ
4 октомври 2021

Потегот на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји, велат од МНР.

https://p.dw.com/p/41EnE
Russland Hauptstadt Moskau Kremlin
Фотографија: DW/M. Mohseni

Министерството за надворешни работи на Русија прогласи уште еден македонски дипломат за персона нон грата. За ваквата одлука денеска била известената в.д. амбасадорката во Москва, Оливера Чаушевска-Димовска. Ваквата мерка се презема по одлуката на македонското МНР кое во август годинава протера руски дипломат од земјата.

Оливера Чаушевска-Димовска денеска била повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ била врачена нота на Министерството. „Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ‘персона нон грата‘ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година”, соопшти руското МНР. 

Според македонското МНР, одлуката за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, преставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. „За претходното протерување на рускиот дипломат од Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, велат од МНР. 

Во амбасадата во Москва останува да ги обавува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот Амбасадор акредитиран за Руската Федерација. 

Во текот на една година Северна Македонија им одзеде акредитации на двајца дипломати од Руската Федерација поради различни активности недозволени во дипломатската практика.