Русија и Сирија уништуваат докази во Дума?
20 април 2018Министерството за надворешни работи на САД ги обвини Сирија и Русија за „чистење“ на сирискиот град Дума и уништување на доказите за употреба на хемиско оружје. Вашингтон тврди дека постојат веродостојни индиции за поткрепа на ова тврдење. Според Министерството, претставниците на Русија заедно со владата во Дамаск се обидуваат да го одолговлечат пристапот на експертите од Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ, во Дума.
Напади без непосредни последици, но со порака
Подобро празни зборови, отколку празни патрони
Запад смета дека Сирија на 7. април во Дума користела хемиско оружје, што владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад категорично го демантира. Во знак на одмазда, САД, Велика Британија и Франција пред една седмица извршија воздушни напади врз цели во Сирија, а на мета посебно биле локации каде се претпоставува дека било вршено производство на хемиско оружје. Американското Министерство за одбрана смета дека сириската влада ќе продолжи со вршење напади со отровни гасови. „Таа е во состојба да врши ограничени напади со хемиско оружје и во иднина, тоа не е исклучено“, изјави генерал Кенет Меккензи.
Германската влада, според ТВ-извештај, поаѓа од тоа дека трупите на Башар ал-Асад најмалку во четири наврати употребиле хемиски боеви отрови, што произлегува од досегашните проверки на ОПЦВ и на ОН. Ваков одговор дава државниот секретар во германското Министерство за надворешни работи, Валтер Линднер, на прашање на пратеникот во Бундестагот Ефрим Зомер од Левицата. Според германската влада, постојат докази дека трупите на Асад употребиле хемиски отрови во уште три други случаи.
Русија пак тврди дека на местото каде се извршени напади со хемиско оружје во Сирија се пронајдени хемикалии од германско и британско производство. Сириските владини трупи наводно во поранешниот бунтовнички регион наишле на „канистри од хлор“ од Германија и на гасни бомби од Велика Британија, соопшти руското Министерство за надворешни работи во Москва. Неговата портпаролка, Марија Захарова, не појасни какви заклучоци се извлекуваат од ваквите наоди. Не постои ниту потврда од независни извори на овие тврдења.