1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија најави делумно повлекување од Украина

БГ /АФП
29 март 2022

Москва најави дека ќе го намали интензитетот на борбите околу два украински града, откако новата рунда преговори во Истанбул донесе зголемен оптимизам за компромис. Западот не верува на ветувањата.

https://p.dw.com/p/49CMK
Türkei Gespräche zwischen Russland und der Ukraine in Istanbul
Од преговорите меѓу Украина и Русија во ИстанбулФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/dpa/picture alliance

Исходот од новата рунда преговори меѓу руските и украинските преговарачи во Истанбул ги зголеми надежите за примирје по едномесечната војна во која загинаа илјадници луѓе, а милиони ги напуштија своите домови. 

Лондон и Вашингтон изразија сомнеж во намерите на Русија, додека на теренот продолжија жестоките битки и бомбардирањето на цивилни цели од страна на руската армија.

По преговорите, украинскиот претставник Давид Арахамија оцени дека се исполни доволно услови за директна средба меѓу претседателите Володимир Зеленски и Владимир Путин.

Рускиот заменик-министер за одбрана Александер Фомин рече дека имало напредок во разговорите за „неутралноста и нуклеарниот статус на Украина“. Поради тоа, рече Фомин, донесена е одлука за повеќекратно намалување на воените активности околу градовите Киев и Чернихив.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен коментираше дека се сомнева во сериозноста на Русија.

„Има разлика меѓу тоа што Русија го вели, и тоа што го прави. Фокусирани сме на второто“, рече Блинкен. Слично се изјасни и портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон. „Ќе цениме според делата на Путин и неговиот режим, а не според неговите зборови“. 

Притисокот врз Москва останува 

Лидерите на САД, Германија, Франција, Италија и Велика Британија во телефонски разговор во вторникот се согласија да продолжат да ја притискаат Русија да прифати прекин на огнот и повлекување на трупите од Украина.

Според изјава на портпарол на германската влада, канцеларот Олаф Шолц, претседателот на САД, Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон и италијанскиот премиер Марио Драги исто така се договориле да го продолжат притисокот врз Русија со санкции.

Тие го повикуваат Путин да дозволи хуманитарна помош и отворање на хуманитарни коридори, особено околу градот Мариупол.

Состојбата во Мариупол била тема и на разговорот на Макрон со Путин. Рускиот претседател порачал дека за надминување на проблемот „неопходно е украинските националисти да го спуштат оружјето“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема