1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија почнува со повлекување на трупи од Крим

Јуриј Шајко | Маркиан Остапчук
23 април 2021

Русија почна со повлекување на дополнително распоредените сили на Крим. Украина реагира воздржано.

https://p.dw.com/p/3sTom
BG Spannungen an der russisch-ukrainischen Grenze
Фотографија: picture alliance/dpa/Russian Defence Ministry

Војниците кои учествувале во вежби, ќе се вратат во своите воени бази, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва. Воената техника, како што се вели, ќе се натовари во вагони, на бродови и во авиони и ќе биде вратена во воените бази.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја поздрави ваквата руска најава, додавајќи: „Но, радо би сакале да видиме постојани конструктивни чекори кои ќе бидат потврдени од нашата тајна служба и тајните служби на НАТО“, соопшти Кулеба. Тој бара од Москва да објасни зошто на границата со Украина биле распоредени толку многу трупи со офанзивно оружје.

Распоредувањето на руските сили на границата со Украина и на анектираниот полуостров Крим беше причина многу набљудувачи да претпостават дека Русија се подготвува за офанзива.

Експертите на Меѓународната кризна група, тинк тенк со седиште во Брисел, во извештај од 20 април меѓутоа оценија: „И покрај руските тенкови распоредени на границата, се чини дека е мала веројатноста наскоро да се повторат крвавите судири кои го потресоа Донбас во 2014 и 2015 година.“ Бројот на војници и позиционирањето на трупите дава повод за загриженост, но не одговара на подготовка на офанзива, оцени Меѓународната кризна група.

Russland Krim | Abzug des Militärs nach Manöver
Фотографија од прес-службата на руското Министерство за одбрана - руски војници се качуваат на авион по вежбите на Крим (23.04.2021)Фотографија: Russian Defense Ministry/AP/picture alliance

Колку руски војници стојат на располагање?

Од Киев првично се велеше дека на границата со Украина и на Крим има повеќе од 80.000 војници, а на 14 април украинскиот министер за одбрана Андриј Таран рече дека наскоро би можеле да бидат 110.000.

Истиот ден американската претставничка во ОБСЕ изјави дека Русија распоредила дополнително 15.000 до 25.000 војници на границата со Украина на Крим. Оваа недела „Волстрит журнал“ извести дека американската влада смета дека се дополнително распоредени 80.000 руски војници. ЕУ, пак, сметаше со 100.000 руски војници плус.

Украинските сили, според наводи на Министерството за одбрана во Киев, во февруари годинава располагале со 195.000 војници, од кои 40.000 биле ангажирани во Донбас. На 21 април украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон за брза регрутација на резервисти. Киев располага со голема резерва, зашто 400.000 Украинци веќе имаат учествувано во воени судири во Донбас.

Russland Krim | Abzug des Militärs nach Manöver
Војниците кои учествувале во вежби, ќе се вратат во своите воени бази, а таму ќе биде вратена и воената техника, која ќе се натовари во вагони, на бродови и во авиони, соопшти Министерството за одбрана во Москва Фотографија: Russian Defense Ministry/AP/picture alliance

Нови руски воени бази

Во модерните војни бројот на војници кажува малку. Важно е количеството и видот на оружје, организацијата на силите и нивната логистика, како резервите на гориво и муниција. Русија го зголемува и тој дел. ЕУ, на пример, јави дека Русија гради теренски болници, а „Волстрит журнал“ пишуваше за стационирање на борбени авиони Су-30 на Крим. Сателитски снимки покажуваат дека на Крим се распоредени падобранци, борбени хеликоптери, дронови и опрема за електронско војување.

Повеќе:

Русија има 150.000 војници на границата со Украина

Меркел-Бајден: Руските трупи треба да се повлечат од границата

Украина бара помош од НАТО во конфликтот со Русија

Освен тоа, група независни руски блогери од Конфликт интелиџенс тимот (ЦИТ) открија нов камп на руски трупи јужно од Вороњеж. Иако кампот е оддалечен околу 250 километри од украинската граница, голем дел од оружјето и опремата кои се стационирани таму потекнуваат од централен воен округ во Русија, значи „стотици и илјадници километри“ оддалечена од Вороњеж. Кампот, според истражувањата на ЦИТ, е направен што е можно поблиску до украинскиот регион Харков и на регионот Луганск, кој е контролиран од Киев. Оттука, ЦИТ претпоставува дека тоа укажува повеќе на офанзивен отколку на дефанзивен карактер.

Магазинот „Шпигел“ пишуваше за две нови бази на руската армија во близина на Маривка, на Крим. Таму, на место кое на средината од март било празно, сега сателитските снимки покажувале сѐ повеќе воени возила и објекти.

TABLEAU | Ukraine bei Donezk | Ostukraine-Konflikt mit Russland | ukrainische Armee
Украинските сили, според Министерството за одбрана во Киев, во февруари годинава располагале со 195.000 војници, од кои 40.000 биле ангажирани во Донбас (фото: украински војници во Доњецк)Фотографија: Oleksandr Klymenko/REUTERS

Русија - подготвена за офанзива за неколку недели

Поранешниот американски генерал Бен Хоџис во разговор за ДВ вели дека ескалација на насилството помеѓу руските и украинските воени сили во регионот на Донбас не е исклучена. Хоџис, во меѓувреме експерт на Центарот за европска политика и анализи, за ДВ оцени: „Веќе не верувам дека ова се само игри на мускули. Кога ќе го видам обемот на распоредувањето, видот на оружјето и опремата, логостиката и распоредувањето воени бродови од Каспиското кон Црното Море, тогаш е ова повеќе од само вежба.“

И претседателот на фондацијата Потомак, Филип Карбер, смета дека веќе не станува збор само за демонстрација на сила од страна на Русија. Тој за „Волстрит журнал“ оценува: „Ова е подготовка на голема офанзива.“ Раководителот на американскиот тинк тенк нагласува дека тој не претскажува напад, но за две недели тоа би била една од опциите која би им стоела на Русите на располагање.

Тоа е во согласност со проценките на раководството во Киев. „Не знаеме точно дали Москва ќе почне со нова фаза на агресија врз Украина, но таа ќе биде во состојба за такво нешто за неколку недели“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.