Руски падобранци, српска неодлучност и балкански лонец
3 ноември 2016„Повеќе од обична вежба“, е насловот на текстот во кој „Зиддојче Цајтунг“ го анализира руското влијание на Балканот кое „надминува пропаганда“. Според весникот, блискоста на Белград со Москва го отежнува патот на Србија кон ЕУ. „Задачата на 150 руски падобранци и уште 500 руски, српски и белоруски војници е многу јасна: во рамките на вежбата 'Словенско братство' тие треба да тренираат напад врз 'терористички камп'. И политичкиот контакт е интензивен. Минатата недела координаторот на тајните служби Николај Патрушев, еден од најблиските соработници на претседателот Владимир Путин, мина два дена во Белград. Официјално, целта беше да подготви меморандум за соработка на српската и руската тајна служба“.
„Зиддојче“ проценува дека „московските иницијативи се контраофанзива на обидот на ЕУ да ја привлече Србија кон себе. „Србија е кандидат за членство во ЕУ и треба да стане членка до 2020 година, иако од таа цел најверојатно нема да има ништо. Според белградските медиуми, некои земји-членки на ЕУ го блокираат продолжувањето на преговорите со Србија, не само поради необјаснетиот однос на Белград со Москва, но и поради тоа“.
„Русија се обидува да си го поврати старото влијание, и не само во Србија. Во Бугарија - членка на ЕУ - Русија доминира во големи делови од стопанството и политиката. Во БиХ, претседателот Путин го поддржува претседателот на Република Српска, Милорад Додик. И во Летонија, Унгарија или Словачка, Москва се обидува да го зајакне своето влијание и да го ослабне она на ЕУ, како што тоа неодамна беше документирано во извештај на Центарот за проучување на демократијата од Софија и Центарот за стратешки студии од Вашингтон“.
Весникот заклучува дека една од причините за „борбата околу влијанието на Балканот е и во тоа што Србија, најголемата држава од поранешна Југославија и земја со клучна позиција, не сака јасно политички да се определи. Србија е кандидат за ЕУ, но преговорите воопшто не напредуваат. Србија не сака да се откаже од своето влијание во Косово, ниту надворешно-политички да се постави против Москва: затоа што најголемиот дел од својот гас и нафта ги добива од Русија, а многу Срби Русите ги сметаат за словенски браќа, и тоа политички не е едноставно“.
Весникот „Берлинер Моргенпост“ донесува слична анализа во која фокусот е повеќе на Црна Гора и тамошниот, наводен, обид за пуч на изборниот ден, но се опфаќа и поширокиот регион.
„Поради слабостите на ЕУ, нејасната позиција на САД, засиленото присуство на заливските држави, напорите на Турција и геополитичките игри на Русија, на Балканот, особено во БиХ и Македонија, се чувствува зголемена конфликтност. Единствено Албанија и Косово важат за јасно прозападни“, заклучува овој весник.