1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финален натпревар за влијание на Балканот

Томас Брај
17 август 2017

Светските сили се борат за контрола и сфери на влијание во Југоисточна Европа. Кажано со фудбалски јазик - се игра финале! Заега САД водат 1:0. Анализа на агенцијата ДПА.

https://p.dw.com/p/2iO2F
Symbolbild Russland-USA - Matruschkas von Trump und Putin
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Lovetsky

Западниот Балкан со векови е арена за големите сили. Хабзбург против Османлиите, западниот систем на вредности против комунистичките држави - така во текот на историјата изгледаа дуелите. Сега повторно станува збор за моќ и влијание во регионот. Овојпат во офанзива се САД и Русија. Но, се мешаат и Кина и Турција. ЕУ, и покрај најголемиот ангажман со персонал и финансии, е во позадина.

„САД у Русија се во сѐ поголем судир на Балканот“, анализираше пред неколку дена реномираниот информативен „t-portal“ во најмладата ЕУ-членка - Хрватска: „Дури и мал конфликт би можел да го запали бурето со барут.“

„Србија жонглира меѓу Белград и Москва“, објави со загриженост неделава најголемиот белградски весник „Блиц“. А „Нови магазин“ гледа „руско-американска војна за енергија на тлото на Европа“, во чие средиште е Балканот.

Пред две недели американскиот потпретседател Мајк Пенс ја посети малата Црна Гора, која годинава, и покрај огромниот отпор на Русија, стана членка на НАТО. „Овде, на Западен Балкан, Русија работи на дестабилизација на регионот за да ја поткопа демократијата и да го подели“, рече тој практично пред сите премиери од регионот. САД и во време на претседателот Доналд Трамп ѝ даваат поддршка на Југоисточна Европа против Москва.

Montenegro Ministerpräsident Dusko Markovic empfängt US-Vizepräsident Mike Pence
Американскиот потпретседател Мајк Пенс и црногорскиот премиер Душко Марковиќ во Подгорица (02.08.2017)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Bozovic

Ваквите борбени тонови предизвикаа критика, пред сѐ во Србија. Не Русија, туку Западот е тој кој дестабилизира сѐ овде, рече министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ. Белград со години прави обиди да танцува по жица. Кандидатот за ЕУ (Србија, н.з.) сака што побрзо да влезе во Унијата. Истовремено, со историскиот пријател Русија негува специјални односи. На пример, има „Српско-руски хуманитарен центар“ во Ниш, кој од страна на Вашингтон е опишан како центар за шпионажа. Со Москва во моментов се преговара за шест половни авиони МИГ-29, за нови тенкови и системи за противракетна одбрана.

САД инсистираат на енергетско снабдување. Тие вршат притиск врз Хрватска да почне конечно да го гради планираниот терминал за течен гас на островот Крк. Него би го полнеле американски танкери и тој би требало да биде поврзан со слична станица во Свинојушче, во Полска. Така Југоисточна Европа би била понезависна од руски гас. На иницијатива на Хрватска и Полска минатата година е покрената иницијативата Три мориња (Балтичко, Јадранско, Црно Море). Дванаесет држави од централна и југоисточна Европа сакаат посилна поддршка на САД за да се одбранат поинтензивно од Москва.

ЕУ на новиот играч гледа со недоверба. Брисел забележува дека и покрај помошта од повеќе милијарди евра и целата армија дипломати и стручњаци, има ограничен углед и влијание на Балканот. За политички кризи, како во Албанија и Македонија, беа предложени решенија, но тие се спроведени дури по големиот ангажман на американските дипломати. Кина во текот на изминатите години во рамки на „Новиот пат на свилата“ тука градеше патишта и мостови, даваше кредити и модернизираше нуклеарни централи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наредниот месеци е во посета на Србија и со себе ќе донесе 150 бизнисмени. Турција уште повеќе ги подобри традиционално добрите односи со муслиманите во Босна и Херцеговина. Великодушно помагаше во обнова на џамиите уништени за време на војната.

Борбата за влијание на Балканот дополнително ја распламтуваат медиумите. Руската агенција Спутник тоа го прави со програма на српски јазик и така го јакне рускиот поглед на свет. Американската фирма ККР, на која веќе ѝ припаѓаат водечки телевизии во регионот, тукушто ги купи омилените телевизиски станици Нова ТВ во Хрватска и ПОП ТВ во Словенија. Турската новинска агенција Анадолу е особено силна во Босна. За телевизијата и порталот „Ал Џазира Балкан“ од Катар, кои информираат на мајчините јазици во регионот и да не зборуваме.