САД: Нема заострување на правилата за азил, засега
20 ноември 2018Судија во американската сојузна држава Калифорнија ја блокираше привремената мерка на администрацијата на претседателот Доналд Трамп со која на мигрантите кои нелегално влегле во САД им се скратува можноста да поднесат барање за азил.
Одлуката за суспендирање на оваа мерка ја донесе судијата Џон Тајгар од Сан Франциско. Со тоа и натаму останува во сила правилото дека барање на азил можат да поднесат и лица кои на илегален начин ја преминале американската граница.
Американскиот претседател одредбата за заострување на условите за поднесување барање за азил во САД ја потпиша во петокот со образложение дека со неа треба да се ограничи нелегалното доселување на луѓе од Централна Америка.
Повеќе:
-Трамп врши изборна кампања на границата со Мексико
-САД сакаат да испратат војници на границата со Мексико
Влијателната Американска унија за граѓанска слобода ја критикуваше оваа мерка на власта, тврдејќи дека според американските закони на одделни лица им е дозволено да бараат азил, без разлика дали стигнале во земјата преку граничен премин.