1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се повлекуваат од Авганистан по договорот со Талибанците

БГ
2 август 2019

Предложениот мировен договор предвидува повлекување на илјадници американски трупи од Авганистан во замена за ветување од Талибанците дека ќе се откажат од Ал Каеда, јавуваат медиумите во САД.

https://p.dw.com/p/3NDcf
Afghanistan Heart | Artillerie-Training der Armee durch US-Army
Фотографија: DW/S. Tanha

САД и Талибанците се очекува наскоро да ја започнат осмата рунда преговори во Доха во обид да постигнат конечен договор со кој ќе се стави крај на 18-годишното американско воено присуство во Авганистан.
Весникот Вашингтон пост известува дека првичниот договор за крај на војната предвидува намалување на американските трупи во земјата на 8.000 од сегашните 14.000.
Во замена, Талибанците ќе го почитуваат прекинот на огнот и ќе се откажат од Ал Каеда, чии напади на 11 септември 2001 година, беа повод за инвазијата на САД врз Авганистан.
„Мислам дека изминавме 80 или 90 проценти од патот. Но ни останува уште многу за последните 10-20 проценти“, вели неименуван американски претставник за Вашингтон пост.

Предложениот договор ќе бара од Талибанците да постигнат и сепаратен мировен договор со владата во Авганистан, со која досега одбиваа да разговараат.

Сепак, авганистански претставници минатата недела сигнализираа дека владата на претседателот Ашраф Гани се подготвува за директни преговори со Талибанците, но детали се уште нема.
Без да го потврди извештајот, американскиот сенатор Линдзи Греем твитна линк до текстот на Вашингтон пост и напиша: „Се надевам дека договорот ќе биде добар за Америка и ќе ја заштити нашата татковина, нашите сојузници и нашите интереси“.
Вашингтон очекува договорот да биде потпишан до септември, но претходно Талибанците ќе мора да почнат разговори со Кабул.