САД смеат да купуваат гас од Русија, а ЕУ - не смее?!
11 јануари 2018Русија е главен светски извозник на природен гас. Со децении Москва беше зависна од гасоводите кои од северот на земјата го спроведуваа гасот во Западна Европа. Тие гасоводи сѐ уште ги користи Газпром. Но, во процесот учествуваат повеќе земји, па често се јавуваат спорови. Кремљ се обидува да ја намали таа зависност и сега засилено инвестира во течен гас. Во таа насока особено се ангажира вториот по големина производител на гас во Русија, Новатек. Шефот на фирмата Леонид Михелсон важи за еден од најбогатите луѓе во Русија.
Развој на течниот гас
Новатек со години работи на развој на течен гас на поларниот полуостров Јамал. Фирмата контролира околу 60 проценти во проектот, додека во него се вклучени и францускиот концерн Тотал, како и кинески инвеститори. Деновиве во ударните вести се пишува за тоа дека рускиот течен гас преку еден француски препродавач за првпат е извезен во САД. Токму во САД! Вашингтон прави сѐ за да ѝ го отежне извозот на гас на Русија кон Европа. А сега самиот купува гас од Русија?
Повеќе на темата:
- Тројански коњ на Русија во ЕУ
- Западот и Русија во битка за балканскиот гасен коридор
Но, таа околност не е толку спектакуларна како што се чини на прв поглед. Факт е дека студениот бран во САД накусо доведе до зголемување на цената на енергијата. Поради налетот на студеното време, на САД одеднаш им беше потребен течен гас, па истиот го купуваат на светскиот пазар. „Во тоа нема никаква политика“, објаснува Свјатослав Бик од московскиот тинк-тенк Аналитички центар за владата на Руската федерација.
Профитираат потрошувачите
По правило, за Русија и за другите земји е тешко да извезуваат во САД. „Цените таму се ниски затоа што Американците самите имаат доволно гас“, вели Бик. Можно е дека Американците и во иднина одвреме навреме ќе увезуваат по некој танкер руски гас. Но секогаш ќе станува збор за релативно мали количества“, велат експертите во Москва.
Многу поинтересно е како се менува бизнисот со енергијата во целиот свет: додека транспортот на гас низ гасоводи секогаш беше од регионален карактер, танкерите со течен гас се погрижија тој бизнис да се глобализира. Конкуренцијата е сѐ поостра. Тоа е добро за потрошувачите, бидејќи на тој начин цените остануваат исти.