Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Невидени хаотични слики: Откако мнозинството пратеници го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието, на противење на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, во законодавниот дом упадна толпа насилни луѓе.
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти. Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.