Светска банка: Преполовена економската моќ на Украина
11 април 2022Последица на руската инвазија врз Украина и војната ќе биде преполовување на економскиот учинок на земјата, прогнозира Светската банка - БДП во споредба со претходната година ќе биде помал за 45 %.
Но, Светската банка истакнува дека „димензијата на економскиот пад ќе зависи од траењето и интензитетот на војната“. Во јануари, пред војната, Светската банка предвидуваше економски пораст од 3 % за Украина.
„Домашната потрошувачка колабира, продавниците затвораат, производната инфраструктура е уништена во голем дел. Околу 50 % од украинскиот извоз порано се одвиваше преку Црно Море, сега тоа е речиси невозможно“, образложува Ана Бјерде, заменик претседател на Светската банка, задолжена за Европа и Азија, во разговор за Дојче веле. Посебен отежнувачки факт е тоа што борбите се водат во регион кој инаку придонесува за половина од БДП на земјата. Драстично погодено е земјоделското производство на Украина, важна стопанска гранка, а се очекува последиците од војната со години да го оптоваруваат економскиот потенцијал на земјата.
И Русија доживува економски пад
Руската економија пак, соочена со досега невидени санкции од Западот, според Светска банка оваа година ќе забележи намалување од 11 %. Ќе опаѓа домашната побарувачка, зашто постои загуба на работни места, примањата се намалуваат, сиромаштијата, инфлацијата и прекините на синџирите за снабдување се зголемуваат, образложува Светска банка, која во јануари прогнозираше минимален економски раст за Русија.
Страда целиот регион
Засегнати од војната се и економиите во други држави во регионот, меѓу кои Белорусија, Молдавија, Киргистан и Таџикистан. Трговските текови се во прекин или уништени, а граѓаните на овие земји, кои живеат во Русија, смеат да испраќаат само мали суми пари на своите семејства во татковините. Ваквите дознаки инаку се важни, на пример во Киргистан и Таџикистан тие изнесуваат речиси 30 % од економскиот учинок. Земјите од регионот се зависни и од увозот на жито – голем дел од него покриваат од Русија и Украина. Во целина, земјите во засилен и земјите во развој во регионот на Европа и Централна Азија годинава ќе забележат пад на стопанството од 4,1 %, предвидува Светска банка. Тоа е двојно полошо од предизвиканата рецесија од пандемијата на коронавирус во 2020 година.