Седум германски „вечни“ производи и марки
Германија не е попусто втор светски извозник. Некои иновации од оваа земја се имаат проширено низ целата планета, па иако дел од тие производи се произведуваат денес и во други држави, тие отвориле сосем нови пазари.
Старомодно, но незаборавно
Најголем дел од луѓето во Германија велат дека колонската вода 4711 ги потсетува на нивните баби. Тоа луѓето го велат веќе со генерации, зашто 4711 постои од почетокот на 18. век. Миризливата течност настанала во Келн и на почетокот имала медицинска примена. 4711 е позната марка, денес ја има преземно познатата успешна фирма Procter & Gamble.
Компјутерот Ц3
Првиот функционален компјутер во светот го создал компјутерскиот пионер Конрад Цузе во 1941 година. Цузе изработил два прототипа во станот на своите родители во Берлин. Слично како и Стив Џобс, кој во 1976 година во гаражата на своите родители ги поставил темелите на Епл. Цузе во 1946 година основаше една од првите компјутерски фирми.
Еко-сандали
Без оглед што во меѓувреме БМВ се прави и во САД, а Фолксваген и во Кина, сандалите од Биркеншток веќе 230 години се произведуваат исклучиво во Германија. Откако една жена од Калифорнија со болни нозе ги проба и ги увезе во својата земја „медицинските сандали“,од 1960-те години тие станаа извозен хит.
Музика за по пат
Група научници на чело со Карлхајнц Бранденбург во 1980-те години работеше на компримирање дигитална музика. Освен тоа, групата заедно со германското претпријатие Микронас во 1994 година го создаде првиот МП3-чип декодер, што претставуваше прв прототип на еден МП3 плеер. Не траеше долго и МП3 податоците беа распространувани преку интернет, што неповратно го промени музичкиот бизнис.
Средство против болка
Во 1897 година на хемичарите од Бајер АГ им успеа да ја синтетизираат во хемиски чиста, стабилна форма одамна познатата супстанца ацетилсалицилска киселина. Две години подоцна на пазарот беше изваден лекот Аспирин. По Првата светска војна, Бајер ги загуби заштитените права на пазарите во Франција, Русија, Велика Британија и САД , но се‘уште ги има патентните права за пазарите во над 83 земји.
Запалувачка искра
Првата електрична свеќичка беше пронајдена од еден Французин, но беше изработена во Германија во 1898 година од Германецот Роберт Бош и тоа како дел од еден комплетен систем за палење за возила. Денес Бош е еден од најголемите испорачувачи за автомобилската индустрија.
Кога птицата го најавува времето
Часовниците со птици се создадени во средината на 18-от век во домашните работилници во Шварцвалд. Иако во меѓувреме кај некои часовници надворешниот изглед се прилагоди на модата, „ку-ку“-механизмот остана. Се разбира, постојат и евтини производи од Азија, но рачно изработените часовници од Шварцвалд имаат вљубеници и купувачи од цел свет.