Семејствата на дипломатите од САД треба да го напуштат Киев
24 јануари 2022САД соопштија дека на членовите на семејствата на вработените во амбасадата во Украина им наложиле да се вратат дома, препорачувајќи им на сите американски државјани да ја разгледаат можноста да заминат од земјата поради закана од руска воена акција.
Американското министерство за надворешни работи објави дека одобрило „доброволно заминување на американските државни службеници и им нареди на членовите на нивните семејства да заминат од амбасадата во Киев поради континуираните закани од руска воена акција“.
На амерканските државјани во Украина им препорачаа да размислат за можноста да заминат. „Американските државјани во Украина би требале да ја разгледаат можноста да заминат без одлагање, користејќи ги можностите на комерцијални или други, приватно достапни опции за транспорт“, објави вчера вечерта Стејт департментот во информациите за патувања.
Американската амбасада во Украина објави дека за овој потег се консултирала со украинската влада и оти ги координира чекорите со сојузниците и со партнерските амбасади во Киев кои го утврдуваат својот став.
„Русија во секој момент би можела да изведе воена акција и владата на САД нема да биде во позиција да ги евакуира американските државјани во таква криза, па (...) мораат да се подготват“, стои во соопштението до амбасадата.
Амбасадта во Киев и натаму работи, а вршителката на должноста Кристина Квиен останува во Украина, соопштија претставниците на Стејт департментот. На граѓаните во САД министерството им советува да не патуваат во Украина „поради зголемен ризик на закана од руска воена акција и Ковид-19“. „Имајте засилена претпазливост во Украина поради криминалот и немири. Ризикот во одредени области е засилен“, стои во соопштението.
На прашањето зошто одлуката за повлекување на членовите на семејствата на вработените во амбасадата е донесена токму сега, министерството се повика на минатонеделното предупредување од Белата куќа за можна руска инвазија на Украина. Москва во повеќе наврати ја отфрлаше оваа можност.