Сеќавање во германскиот Бундестаг
10 септември 2014Парламентот во Берлин денешното (10.09) заседание го отвори со едночасовна комеморативна седница по повод почетокот на Втората светска војна пред 75 години. Полскиот претседател Бронислав Коморовски (во средина на насловната фотографија) во Бундестагот рече дека двете земји треба да бидат горди на нивното помирување по конфликтот. Тој посебно го нагласи фактот дека новата генерација на Германци и Полјаци учат и работат заедно 25 години по падот на Берлинскиот ѕид.
Тој се осврна и на полскиот синдикат „Солидарност“, кој заедно со останатите синдикати ја овозможи слободата во Европа. „Тоа што ги поврзува Европејците е убедувањето дека човековите права се неотуѓиви“.
Втората светска војна почна со германската инвазија на Полска во 1939 година. Некој ден потоа, како што подвлече Коморовски во говорот во Бундестагот, советските војници исто така навлегоа во Полска од исток. На почетокот на Втората светска војна нацистичка Германија и Советскиот сојуз беа сојузници.
Ламерт: „Германско-полските односи се чудо“
Пред говорот на полскиот претседател, свој говор одржа и претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт. Тој подвлече дека Полска беше првата жртва на војната и дека најдолго страдала под германската окупација.
Затоа тој смета дека е вистинско чудо што Германците и Полјаците станаа пријатели. Ламерт потсети и на „индустриското уништување на европските Евреи“ и рече дека „Полска беше претворена во најголеми гробишта на европската цивилизација“.
Гости на денешната комеорација беа германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот Јоахим Гаук и поранешниот претседател Кристијан Вулф. Гаук и Коморовски на први септември годинава го одбележаа полетокот на Втората светска војна во полскиот град Гдањск.
Шеесетгодишниот Коморовски со години се ангажира на помирување меѓу Германија и Полска. Во времето кога беше претседател на полскиот парламент (2007-2010) тој редовно се среќаваше со претседателот на германскиот Бундестаг Норберт Ламерт.