1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

СЗО: Некадарна или неопходна институција против Ковид-19?

АРД
13 мај 2020

Светската здравствена организација има централно место, но се соочува и со остри критики во борбата против Ковид-19. Експерите велат: ако се „отпише“ СЗО, тогаш би морало да се основа некоја друга, слична организација.

https://p.dw.com/p/3c9ZQ
Schweiz Genf - Hauptsitz der Weltgesundheitsorganisation (WHO)
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Di Nolfi

Германија го критикуваше Вашингтон, откако САД престанаа да уплаќаат средства за Светската здравствена организација. САД ги отфрлаат критиките. Мајк Помпео ја оцени СЗО како „дисфункционална и неспособна бирократија“.

Најголем дел од вработените работат од дома, но Светската здравствена организација (СЗО) веќе со месеци работи под голем притисок во борбата против коронавирусот. Тука спаѓаат состаноци на експерти, координации, конференции за печат, информативни кампањи, повици за донирање средства и уште многу работи. СЗО поврзува различни актери ширум светот: научници, политичари, лекари. Таа развива правни линии за превенција и однос кон болести.

СЗО зависи од државите членки

Илона Кикбуш добро ја познава оваа организација. Таа е основач на глобалната здравствена програма на Високообразовниот институт за меѓународни студии и развој во Женева. „Светската здравствена организација зазема централно место во борбата против Ковид-19“, нагласува таа.

Schweiz Genf | WHO: Adhanom Ghebreyesus, Generaldirektor der Weltgesundheitsorganisation
Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗОФотографија: picture-alliance/dpa/M. Trezzini

Повеќе:

-Што прави Светската здравствена организација?

-„Доктор Тедрос“: Кој е човекот на чело на Светската здравствена организација?

-САД ги стопираат уплатите за СЗО

Седиштето на СЗО е централа, но екстремно важна улога играат регионалните канцеларии на оваа огранизација, како на пример во Африка. „Тоа е комплексна мрежа. СЗО не е само една бирократија во Женева, туку огромна целина која ја сочинуваат 8.000 луѓе ширум светот.“ Светската здравствена организација е најголема организација на Обединетите нации. САД ја критикуваа дека е дисфункционална и неспособна бирократија. Експертката за глобално здравство Илона Кикбуш на тоа само врти со главата.

Но, таа, исто така, гледа дека организацијата во СЗО е компликувана и оти зависи од државите членки. „Не е во прашање само една служба, која може да работи што сака. Бидејќи, многу одлуки ги носат земјите членки. Тие, исто така, ги поставуваат границите на СЗО, исто како и во случај на здравствените прописи на меѓународно ниво, каде земјите силно се потпираат на сопствениот суверенитет.“

Научени лекции

Кикбуш е изненадена дека американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во писмо упатено до германскиот колега Хајко Мас, пишува за низа неуспеси на СОЗ кога станува збор за болестите на дишните патишта предизвикани од САРС, преку свинскиот грип и ебола до најновиот коронавирус. „Но, ако ја погледнате меѓународната литература, ќе видите оти токму САРС се зема како пример за успех на СЗО.

„Кога станува збор за епидемијата на ебола 2014/2015 година, СЗО без сомнеж реагирише бавно. Но, тука се научи лекцијата. „Токму во пандемијата СЗО во последните 5 години направи огромен напредок, така што обвинувањата во таа смисла во никој случај не се оправдани“. 

Но, Илона Кикбуш сепак гледа потреба за реформа во Светската здравствена организација, на пример кога станува збор за финансирањето. Таа смета дека земјите членки би морале да бидат подготвени да уплаќаат поголеми задолжителни придонеси. Тоа би ја направило организацијата независна од други донатори, како фондации и фармацевтски индустрии. Но, Кикбуш не може да замисли некои поинакви структури. Бидејќи, вели, „ако се отпише СЗО, тогаш би морало да се основа некоја друга, слична организација“.