„Сина карта“ за висококвалификуваните азиланти?
19 јули 2015Германската Агенција за работа предлага за висококвалификуваните бегалци да се најдат нови патишта по кои тие ќе стигнат на пазарот на работна сила во земјата. Според Агенцијата, барателите на азил би требало да добиваат „сина карта“, каква што добиваат стручњаците кои доаѓаат до земји кои не се членки на ЕУ. Владејачките партии од Унијата (ЦДУ и ЦСУ) се отворени за ваквиот предлог.
Луѓето од земји кои не се членки на Унијата, а кои имаат високо образование, од август 2012 година можат да побараат „сина карта“ во Германија и со семејството да се преселат во земјата. Предуслов за тоа е меѓутоа да имаат претходно добиено цврст договор за работа во Германија, да имаат висока квалификација и да им се гарантира минимална плата. Таа во Германија во моментов изнесува 48.800 евра бруто.
Сега Агенцијата за работа бара ист ваков систем да се воведе и за квалификуваните бегалци. Тие би требало со своите семејства да бидат извадени од системот за азил и преку „сина карта“ да добијат статус на квалификувани доселеници, изјави членот на претседателството на Агенцијата за работа Рајмунд Бекер за весникот „Рајнише пост“.
Меѓу бегалците во Германија има и висококвалификувани лица, како лекари и инженери, кои би можеле во земјата да се доселат и преку добивање „сина карта“. „За ваквите случаи ни е неопходна можност за ’менување на коловозната лента’“, вели Бекер. Тој опоменува дека треба да се укинат бирократските пречки. „За да се постави вакво барање, согласно германските закони, прво лицето треба да се врати во татковината, за таму да побара специјална виза. Ако тие луѓе избегале од војна и прогон, такво нешто е апсурдно да се бара.“
Системот за азил сега е строго одделен од сите други опции зад оселување. На пример, не е можно од тековна постапка за азил да се премине во постапка на добивање работна виза.
И директорот на Институтот за иднина на работата, Клаус Цимерман, се залага за отворање на можноста за добивање „сина карта“ за бегалците, кои имаат професии кои се бараат на германскииот пазар на работна сила. Правилата кои важаат сега и онака се покажаа како претесни, изјави тој за агенцијата ДПА. Властите ,поради тоа, од 2012 година досега доделиле само 20-тина илјади „сини карти“.
Експертот за внатрешна политика во владејачката Унија, Штефан Мајер, покажа отвореност кон ваквите барања: „За предлогот може да дискутираме.“