Сините шлемови во Конго ослободија деца-војници
17 август 2013Само минатата недела слобода добиле 82 момчиња и девојчиња, од кои најмладите едвај имале осум години, а биле oбучувани да убиваат со огнено оружје, ножеви или мачети. Бунтовничката група „Маи маи Баката Катанга“ ги злоупотребувала овие деца како војници. Овие деца биле регрутирани како борци во последните шест месеци, истакнува Мартин Коблер, шефот на мировните трупи на ОН во Конго, Монуско. 40 од ослободените жртви веќе се вратени на нивните семејства.
Коблер изразува екстремна загриженост поради регрутирањето на деца-војници од страна на милициите. Германскиот дипломат повикува одговорните за воените злосторства да бидат изведени пред суд. Само од почетокот на оваа година Монуско, заедно со партнерските организации, успеале од рацете на озлогласените милиции да ослободат 163 деца.
Најбројната мировна мисија на ОН во светот во Демократската Република Конго има стационирано околу 17 илјади војници. Во провинцијата Катанга, каде се активни бунтовниците на „Маи Маи Баката Катанга“, постојат бројни природни богатства, пред се‘ бакар. Од прогласувањето на независноста на Конго од Белгија во 1960 година постојано се прават обиди за отцепување на Катанга од остатокот на државата.