Сите луѓе на Путин
19 март 2022Стратегот: Николај Патрушев
Седумдесетгодишниот секретар на рускиот Совет за безбедност - тело кое ги координира и дава совети за сите прашања поврзани со националната безбедност – инкорпорира истовремено три аспекти кои имаат големо влијание во Кремљ. Доаѓа од Санкт Петербург, работел за КГБ и се познава со Владимир Путин уште од 1970-тите. Таму двајцата соработувале тесно, пишува авторката Кетрин Белтон. Брзиот подем на Путин во Москва од средината на 1990-тите го донесе Патрушев на високи позиции. Во 1999 година тој го наследи Путин на чело на домашната разузнавачка агенција, ФСБ, каде останува до 2008 година. Во овој период се случува убиството со радиоактивен полониум на пребегнатиот КГБ-агент и критичар на Кремљ, Александер Литвиненко. Главни осомничени се двајца наводни агенти на ФСБ.
Патрушев важи за отворено тврдокорен, а се вели дека надворешниот и безбедносниот курс на Русија носи најмногу негов потпис. Речиси и да нема статија поврзана со него, а да не е опишан како „јастреб над јастребите“. Се вели дека е опседнат со идејата дека Западот сака да ја подели Русија. Се смета дека неговото влијание врз Путин е огромно. На крајот на јануари сѐ уште уверуваше дека нема да има никаква војна, ниту каква било закана, и дека сето тоа е „целосен апсурд“. „Не сакаме никаква војна, ниту пак ни е потребна“, изјави тогаш категорично.
Шефот на разузнавањето со еден проблем: Александар Бортников
Кога Патрушев во 2008 го напушта ФСБ, негов наследник станува Александер Бортников, кој на оваа функција е до ден-денес. Со оглед на тоа што Путин самиот беше на чело на ФСБ, и има голема доверба во институцијата која го наследи КГБ, може да се претпостави дека и влијанието на Бортников врз претседателот е големо. Особено што, според официјалните информации, и Бортников работел за КГБ во 1970-тите, во тогашниот Ленинград, денешен Санкт Петербург. Влијанието на Бортников е пред сѐ големо во однос на внатрешните работи во земјата – тука ФСБ „се грижи“ опозициските и критичките новинари да бидат масовно прогонувани и демократскиот отпор да биде задушен во корен.
Ова не е видливо само кога има по некои помали демонстрации низ Русија, туку се гледа и во примерот на критичарите на Кремљ, како Ана Политковскаја или Борис Немцов, кои беа убиени, а луѓето кои стоеја зад убиствата никогаш не завршија на суд. Истото се гледа и преку примерот на Алексеј Навални, чиј обид за убиство со нервниот отров Новичок се поврзува со група на ФСБ-агенти. Според генералната проценка, само лице од рангот на Бортников, можело да одобри употреба на такво оружје.
ФСБ се занимава и со шпионажа во поранешните советски републики, како што е и Украина. Поради тоа, овој сега веќе 70-годишен човек може да има големи проблеми. Бидејќи лутината на Путин поради тоа што не му оди сѐ по планот во војната ќе се одрази и на ФСБ. Наводно двајца водечки соработници на разузнавачката служба се во домашен притвор – напиша истражувачкиот новинар Андреј Солдатов во напис за американскиот тинк-тенк ЦЕПА, наводно поради тоа што очигледно му дале погрешни информации на Путин за ситуацијата во Украина – од страв и во обид да му го кажат само она што сака да го слушне.
Толкување на минатото: Сергеј Наришкин
Своето најнепријатно појавување во јавноста Сергеј Наришкин го имаше непосредно пред почетокот на војната во Украина. На седница на Советот за безбедност, шефот на руската разузнавачка служба за странство почна да пелтечи кога стана јасно дека Путин не го задоволува само признавање на „Народните републики“, Доњецк и Луганск, што претседателот неколкупати го нагласи, по што Наришкин стануваше сѐ понервозен и збунет.
Шефот на разузнавачите беше искаран како учениче, што е реткост во Русија. Особено што се вели дека овој 67-годишен маж бил доста близок со Путин. И овој инженер и економист, исто како и Претседателот, потекнува од Санкт Петербург. Според „Новаја Газета“, тој заедно со Путин одел на акадамија на КГБ, а подоцна и двајцата работеле во градската администрација. Во 2004 година тој доаѓа со Путин во Москва и за неколку години стана моќен шеф на претседателската администрација, а потоа и претседател на Думата. Во 2016 година Путин го назначи за шеф на разузнавачката служба за странство.
Како долгогодишен претседател на Руското историско друштво тој играше важна улога во растечката инструментализација на руската историја за објаснување и легитимирање на актуелната политика – овде неговото влијание врз Путин е доста значајно. Некои во Наришкин гледаат и главен идеолог.
Пред нападот врз Украина, Наришкин зборуваше за тоа на Западот да му се даде „последна шанса“ да изврши притисок врз Киев – нешто што Путин отворено го доведе во прашање. Оттогаш Наришкин остро го критикува Западот, отворено обвинувајќи го дека сака да ја „растури“ Русија. Сепак, неговата репутација е нарушена со демонтажата во Кремљ, бидејќи настанот е пренесен на строго контролираната државна телевизија.
Цврстиот: Виктор Солотов
Во 2016 година, во Русија имаше далекусежна реформа на внатрешната безбедносна архитектура. Во рамки на овој процес, тогаш повеќе трупи и специјални единици (како озлогласената ОМОН) се повлечени од Министерството за внатрешни работи и од нив е создадена Националната гарда која е директно подредена на претседателот на државата. На чело на гардата тој постави стар познаник: Виктор Солотов, кој исто како и Путин има работено за КГБ во Санкт Петербург и тоа во одделот за заштита на лица на високи позиции. Тоа остана негова специјалност и по распадот на СССР – беше телохранител на тогашниот градоначалник Анатоли Собчак и неговиот заменик, Владимир Путин. Така и до ден-денес му е спаринг партнер за бокс и џудо на Путин, а и двајцата имаат голема меѓусебна доверба.
Путин го повлече Солотов со себе во Москва и го постави за шеф на безбедносните служби прво на премиерската функција, а потоа и на претседателското обезбедување. Во 2016 Солотов не само што беше именуван за прв човек на Националната гарда, туку веднаш стана член на Советот за безбедност.
Солотов повремено користи груби зборови за противниците, како на пример во 2018-тата, кога со видео го предизвика на дуел критичарот на Кремљ, Навални и му вети дека за неколку минути ќе го претвори во „фино парче месо“. Навални претходно ја обвини националната гарда за корупција. Во видеото Солотов исто така зборуваше и за теории на заговор дека Русија ќе била поделена од нејзините противници.
Иронично, човекот од доверба на Путин, како никој досега од безбедносните служби јасно кажа дека има потешкотии со војната во Украина. „Би сакал да кажам дека не оди сѐ така брзо како што би сакале“, напиша овој 68-годишник во коментарите на веб-страницата на Националната гарда.
Човек за лов и риболов: Сергеј Шојгу
Рускиот министер за одбрана е еден од малкуте на врвни функции кои извршувале важни задачи во владата долго пред доаѓањето на Путин. Во Москва доаѓа во 1990-тата од Автономната Република Тува, во 1994 станува министер за заштита од катастрофи, служба која ја извршува до 2012 година и со која доби голем углед кај населението. Тој во меѓувреме важеше дури и за можен наследник на Путин откако овој во 2018-тата, по два мандата, привремено се повлече на функцијата премиер.
Шојгу нема кариера во војската, службата како министер му донесе ранг на генерал. Затоа и за него беше изненадување кога во 2012-тата беше назначен за министер за одбрана. Анексијата на Крим и фактичкото отцепување на Донбас во 2014-тата ги бранеше, јавно исто како и рускиот ангажман во војната во Сирија. Шојгу, со тоа, е човек кој е за ширење на руските воени активности во региони од стратешки интерес. 66-годишникот важи за голем обожувач на легендарниот советски маршал Георги Шуков и за близок советник на Путин, меѓу другото и за воено историски прашања. Прилика за тоа нудат нивните излети во природа. Слики од заедничкиот лов и риболов во Сибир се составен дел од фолклорот на Путин.
Сосем различна слика Шојги прикажа на 27 февруари - значи три дена по нападот врз Украина - кога тој седи на долга маса на сосема различна страна од Путин со загрижен поглед. Дали ова набљудување е точно или не - очигледните проблеми на руската војска во соседната земја, дефицитите во анализата и логистиката секако одат на товар на Шојгу. Што тоа ќе значи за неговото влијание во Кремљ засега е нејасно, како и многу други нешта во руското раководство.
Нови идеи за водење војна: Валери Герасимов
Валери Герасимов дојде на врвот на рускиот Генералштаб во 2012 година. Во говор пред генералното собрание на Руската воена академија една година подоцна, зборуваше за идеите кои му ја донесоа титулата татко на хибридно водење војни со користење на протестниот потенцијал на населението, со тајни операции и користење нови технологии, меѓу другото и од информатиката. Дали Герасимов тогаш формулирал модернизиран пристап на руското водење војна или пристапот на Западот, меѓу воени експерти е спорно. Испраќањето руски војници во 2014 на Крим и Донбас го следи хибридниот концепт. И упадот на руската војска во Сирија исто така претставува многу поширока дефиниција на сферата на руските интереси отколку во претходните децении.
Герасимов, како и многумина други од круговите блиски до Кремљ, е на листата за санкции од САД. Многу поголеми грижи на 66-годишникот изгледа сепак му претставува бавниот напредок на руските сили во Украина. За брз успех на „специјалната операција” веќе не може да стане збор. Одговорноста за тоа на крајот ја сноси Герасимов, одговорност и пред Претседателот, кого аналитичарите го опишуваат како сѐ пофрустриран со текот на војната.
Човек за галерија: Сергеј Лавров
Со 18 години на функцијата Лавров е еден од најстарите министри за надворешни работи во светот и дочекал и испратил многу шефови на кабинети и колеги министри. Како највисок по ранг дипломат учествувал и ги формулирал заедно со други лица сите пресврти и зацврстувања на ставови во руската надворешна политика - од соработката со ЕУ и НАТО сѐ до целосниот крах со Западот. Лавров ги познава особено САД и тоа од неговиот десетгодишен мандат како амбасадор на Русија во ООН, кога неговите напори беа насочени кон тоа Русија да има што поголема меѓународна тежина. Таквите барања постојано ги формулираше многу самоуверено и честопати остро. Аналитичарите на почеток велеа дека има смисла за хумор, дека е отворен и дружељубив.
Но, во изминатите години, тој заедно со Претседателот стана намуртениот лик на надворешната политика, која спрема соседите, но и на блискиот Исток и Африка, настапуваше сѐ поагресивно и сѐ повеќе играше на картата на експанзија. Два дена пред нападот врз Украина отфрлаше дека има такви планови и оттогаш одговорноста за ескалацијата ја префрла на Западот. Аналитичарите, меѓутоа, постојано нагласуваат дека клучните насоки на надворешната политика не се одредуваат во министерството со кое раководи Лавров, туку во Кремљ. 71-годишникот затоа и не се смета за човек близок на Путин.