Скопје и натаму обвиено од смог
Квалитетот на воздухот во Скопје во последните два дена е загаден над дозволеното, или во просек над 200 микрограми штетни честички на кубен метар. Активирани се мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето.
Скопска магла
Намалена видливост и отежнато движење низ градот. Скопските магли - карактеристични за зимскиот период - се придружник на градот поради неговата специфична географска локација. И покрај мерките кои ги преземаат владата и градот, во овие периоди помагаат само ветер, дожд или снег. Спасот - граѓаните можат да го пронајдат само во околните планини и ридови.
Парно-аут, ќумбе-ин
Релативно високите цени за градското парно греење и сиромаштијата натераа голем број граѓани самите да се снаоѓаат во зимските месеци. Поради тоа, наместо на парно многумина се греат на дрва, јаглен или нафта, што пак драматично го зголемување загадување во Скопје.
Движење во магла
Маглите и густиот смог не се никаква новина за Скопје во зимските месеци. Градот годинава веќе по вторпат ги активира вонредните мерки кои опфаќаат бесплатен градски превоз, прекин на сите градежни активности на градилиштата, интензивно миење на градските улици, зајакнати инспекциски надзори и ограничување на обуките на автошколите. Но, колку тоа помага најдобро знаат скопјани.
Сообраќаен хаос
Сообраќајот во зимските месеци наголемо придонесува за зголеменото загадување. Неретко автомобилите се користат и на многу куси релации, а сообраќајната мрежа во главниот град нема капацитет да го издржи напливот. Дополнително, јавниот сообраќај не може да ги задоволи потребите на граѓаните.
Велосипедот е решение...
Во многу светски метрополи велосипедот е омилено превозно средство низ градските турканици. Но, условите во Скопје не дозволуваат слободно и нормално користење на велосипедите. И оние ретки велосипедски патеки во градското јадро најчесто се узурпурани од несовесни возачи, а возењето по улица е опасност поради ниската сообраќајна култура.
Најдобри во најлошото
Многу фактори придонесоа Скопје со години наназад да се најде на црните листи на најзгадени градови во светот, а панорамските фотографии од градот служат како потсетник во водечките светски медиуми за тоа како не треба да изгледа еден град.