1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободарската партија има корени во Австрија

Фолкер Вагенер
17 октомври 2017

Разликата меѓу Слободарската и сличните партии во Европа е во традицијата. ФПО има пуштено корени во австриското општество, не зависи од една тема и не сака напуштање на ЕУ, вели за ДВ политиколгот Хајнц Гертнер.

https://p.dw.com/p/2lwwd
Österreich Wahlkampf
Фотографија: DW/B. Riegert

Дојче веле: Слободарската партија на Австрија на парламентарните избори освои 26 проценти од гласовите, што е најдобар нејзин резултат од 1999. година. Што зборува во прилог на коалиција на победникот Себастијан Курц и неговата Народна партија на Австрија со Слободарската партија? 

Ханјц Гертнер: Токму темата со која двете партии освоија гласови. Тоа се миграцијата, бегалците и доселувањето. На ова политичко поле постојат големи преклопувања, очигледна е можноста за постигнување договор за коалиција. Сепак, морам да додадам, можни се и одредени судири. На пример, кој да го има главниот збор за донесување нов доселенички закон? Кој да го добие Министерството за внатрешни работи? Тука може да дојде до тензии, иако многу нешта зборуваат во прилог на коалиција меѓу Народната и Слободарската партија.

ДВ: Иако Австриската народна партија, под водство на младиот Себастијан Курц, доживеа забележителни промени и сврти кон десно, посебно во поглед на бегалската и надворешната политика, тоа не беше на штета на Слободарската партија. Прилично невообичаено. Како го објаснувате тоа?

Тоа е точно, но имам чувство, без тоа да можам емпириски да го докажам, дека Курц и неговата партија во последната фаза на предизборната кампања беа осетно поостри околу доселувањето, отколку Слободарската партија. Цврстиот став на Курц  кон исламот и исламизмот беше понагласен отколку кај Слободарската партија.  Многу избирачи со такви погледи инаку би преминувале во таборот на Слободарците, но силните изјави на Курц водеа кон победа на неговата партија и нејзиниот млад кандидат.

Секако, постојат и традиционални гласачи на Слободарската партија, кои ѝ останаа верни. Тоа е објаснување за  нејзиниот импресивен изборен резултат. Морам да додадам - Слободарската не е само антидоселеничка партија. Таа растеше во изминатите децении, во време кога бегалците и доселувањето уште не беа голема политичка тема. Во тој смисол, може да се каже дека Слободарската партија „природно“ расте. Токму во тоа таа се разликува од другите десничарски партии во Европа, како Алтернатива за Германија, кои постојат од неодамна.

Infografik Karte rechtspopulistische Parteien in Europa
Каде сѐ во Европа десните популисти учествуваат во владите

Како политички ќе се манифестира свртувањето во десно во Австрија? Ќе се случи ли „орбанизација“ како во Унгарија?

Веќе имавме една таква коалиција од почетокот до средината на минатата деценија. На внатрешнополитички план се случија големи резови во областа на социјалата и беше заострен кривичниот закон. Кога споменувате „орбанизација“: ќе дојде до приближување до државите од Вишеградската група, во тоа сум сосем сигурен. Во принцип, не е лошо да се подобруваат односите со соседните земји. Но, секако, во Унгарија го имаме Орбан, а тој веднаш им честиташе на изборните победници.

„Орбанизација“ е можеби претеран термин,  но мислам дека ќе се оди во насока на лојална демократија, барање за стопроцентна лојалност, без да дојде до слабеење или укинување на демократијата. Изразот лојална демократија е сосем соодветен, таа не оди толку далеку како Орбан во Унгарија.

ДВ: Слободарската партија веќе во два наврати беше помал коалиционен партнер во сојузната влада. Во тоа време во Европа уште немаше толку масовни протести против десничарските популисти. Колку Слободарската партија во меѓувреме стана нормална за австриското општество?

Многу нормална. Ако го посматрате австрискиот политички систем, Австрија сега прерасна во трипартиски систем, претходно долго време постоеше двопартиски, со социјалдемократите и Народната партија. Со подемот на Слободарската партија, настана трипартиски систем и тој ќе остане, не мислам дека Слободарската партија ќе исчезне. Таа има одредени корени во австриското општество.

Дури и ако темата миграција загуби на значење, Слободарската партија ќе остане. Тоа значи дека двете партии веќе немаат уставотворно двотретинско мнозинство преку кое би го менувале Уставот. За таа цел им е потребна трета партија. Според многу нешта, Слободарската е партија која одамна е интегрирана во австриското општество и тоа така и ќе остане.

Heinz Gärtner, Politikwissenschaftler Universität Wien
Професор Хајнц ГертнерФотографија: privat

ДВ: Десничарските популистички партии во многу европски земји слават изборни триумфи. Што е заедничко за овие движења и австриската Слободарска партија?

Морам да истакнам - разлики постојат. Заедничко им е што се десничарски популисти и што соработуваат во Европскиот парламент, за на таков начин да можат да стекнат влијание и да ги протуркаат заедничките теми. Но, тоа не значи и идеолошка идентичност. Слободарската од другите десничарско-попилистички партии се разликува најмногу по тоа што сака останување во ЕУ. Австрија следната година ќе претседава со ЕУ. Слободарската партија добро знае дека во тој случај би била изолирана ако побара напуштање на ЕУ во време кога Австрија претседава со неа.

Меѓутоа, ако министерот за надворешни работи биде од редовите на Слободарската партија, претпоставувам дека партијата и Австрија во Европскиот парламент ќе бидат изолирани. Тоа што оваа партија ја прави поразлична од другите десничари во Европа е и нејзината традиција во Австрија. АфД е основана неодамна, а Слободарската партија де факто постои уште од 1945 година. Тоа беше стара нацистичка партија, но секако, денес е поумерена. Таа не е веќе партија  на национал-социјалисти, но остана десничарска, со други теми, кои всушност секогаш беа присутни. Таа беше дел и од претходни влади, на пример во Корушка, каде имаше големо влијание. Слободарската не е инстант-партија основана поради одреден настан, па потоа да исчезне. Во тоа е веројатно најголемата разлика со останатите десничарско-популистички партии во Европа.  

Професор Хајнц Гертнер е плитиколог и работи на Универзитетот во Виена.