Слобода на медиумите: Повеќе од порано, ама не доволно
3 мај 2022Трети мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, ја врати на сцена дебатата за етичкото и професионално новинарство како јавно добро и клучен елемент на секоја функционална демократија, но и прашањата за социо-економската положба на медиумската заедница. Ширум светот се испраќаат пораки за важноста на медиумите како еден од фундаментите на современите демократски општества, а исклучок не е и Северна Македонија. Денеска во Кабинетот на претседателот на државата ќе се одржи панел-дискусија посветена на безбедноста на новинарите и медиумските работници, каде ќе се обратат претставници на неколку медиумски организации од земјата.
Проблемите за кои ќе говорат не се од вчера. Дел се решаваат, дел се провлекуваат со години, но напорите за нивно решавање не престануваат.
„Релативната слобода во која сега живееме не смее да нѐ залажува, бидејќи без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг“, вели претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски.
Toj посочува дека не се усвоени измените на законското решение со кое нападите врз новинари ќе се сметаат како напади врз службени лица, ниту измените на законот со кој треба да се намалат казните за новинарите за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Во исто време, поради актуелни политички предизвици замрена е дебатата за создавање на Независен национален фонд за поддршка на медиумски содржини, за што се залага ЗНМ.
„Не е доволно да се каже дека денес имаме поголема слобода на говорот од порано. Таа слобода е ограничена од зависноста на медиумите од пари. Пазарот во нашата земја е мал, недоволно атрактивен и не остава простор за развој на независно новинарство, па медиумите често зависат од политички или бизнис центри на моќ. Како фела сме обединети во барањето за формирање независен национален фонд за создавање на медиумски содржини. Професионалното новинарство чини. Добрата информација чини време, труд, размислување, чини пари. Мора да се препознае моментот дека во Македонија има недостиг од добри емисии, шоуа, програми, документарци, едукативни и истражувачки стории. Има, но не се доволно“, укажува претседателот на ЗНМ, потенцирајќи дека Здружението инсистира на создавање на тој независен фонд.
Расадник на стрес
На другата страна од медалот, се правата на новинарите и нивната социо-економска сигурност, која е во директна корелација со нивните слободи, независност и работење без цензура и самоцензура. Минатиот месец Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја започна онлајн кампањата „Работничките права - предуслов за професионално новинарство“ преку коja ќе бидат претставени најчесто прекршуваните права на новинарите и медиумските работници, законските права кои им следуваат и како да се изборат за нив.
„Ако во земјава постоеја само десетмина новинари, седуммина ќе земаа потпросечна плата. Четворица немаше ниту да имаат постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело. Четворица ќе работеа прекувремено, а на тројца немаше ниту да им се плати. Петмина ќе застанеа на вратата за да излезат од професијата“ - вака ССНМ ја илустрираше состојбата.
Оттаму посочуваат дека закани и напади стигнуваат од сите страни - од сопственици на медиуми, од политичари, бизнисмени, од толпи на протести, од поединци кои одговараат со мускули наместо со зборови, а најмногубројни се оние што доаѓаат од јунаците на тастатурата.
„И покрај високиот ризик, новинарите, снимателите, фоторепортерите ретко се осигурани ако нешто им се случи додека се на работна задача. Недостасуваат и обуки за заштита од опасности. Новинарството е расадник на стрес и на психолошки замор, проблем со кој се соочуваат речиси 60 отсто од луѓето во професијата“, оцени ССНМ.
Обиди за замолчување
На дел од овие аспекти со кои се соочуваат медиумите, вчера се осврна и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш со пораката дека „без слободни медиуми нема слобода“.
Tрети мај - Светскиот дена на слобода на медиумите (World press freedom day) е востановен со одлука на Генералното собрание на ОН од 1993 година, токму за да се потсетуваат владите и државите дека се должни да го почитуваат и поддржуваат правото на слобата на изразување, загарантирано со член 19 од Универзалната декларација за човекови права.
„Заканите за слободата на новинарите и медиумските работници растат од ден на ден. Од глобалното здравје до климатската криза, корупцијата и кршењето на човековите права, тие се соочуваат со зголемена политизација на нивната работа и обиди да ги замолчат од неколку страни”, рече Гутереш.
Тој потсети дека во текот на пандемијата, многу медиумски работници биле на „првата линија“, обезбедувајќи точно и научно засновано известување за информирање на носителите на одлуки и спасување животи, и дека новинарите кои известувале за климата, биодиверзитетот и загадувањето успеале да го свртат вниманието на светот кон таа планетарна криза. Гутереш се осврна и на дигиталната технологија која го демократизирала пристапот до информации, но создала и сериозни предизвици.
„Дигиталната технологија ја прави цензурата уште полесна. Многу новинари и уредници ширум светот се во постојан ризик нивните програми и извештаи да бидат отстранети од мрежата. Методите и алатките се менуваат, но целта за дискредитација на медиумите и прикривање на вистината останува иста како и секогаш“, оцени Генералниот секретар на ОН.
Тој упати апел до владите, медиумските организации и технолошките компании во светот да ги поддржат клучните напори на медиумите во разоткривање на лагите, со цел изградба на силни и отпорни институции и општества.
Во светот во текот на 2021 година биле убиени 55 новинари и медиумски работници, а годинава црниот биланс започна со руската агресија во Украина. До почетокот на април животот во Украина го загубиле повеќе од десет новинари, неколку се сметаат за исчезнати, а двојно поголема е бројката на повредени.