1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенците го казнија Јанша и избраа месија

Гаспер Андринек
26 април 2022

Роберт Голоб ќе биде идниот премиер на Словенија. Неговата изборна победа против досегашниот премиер Јанез Јанша, според аналитичарите, била глас против растечкиот авторитаризам.

https://p.dw.com/p/4AS8w
Роберт Голоб извојува убедлива победа на парламентарните избори во Словенија
Роберт Голоб извојува убедлива победа на парламентарните избори во СловенијаФотографија: BORUT ZIVULOVIC/REUTERS

„Пораката од изборите е јасна: Избирачите рекоа НЕ за политиката на претходната власт“, вели Тања Старич, политичка аналитичарка и водителка на словенечкиот јавен сервис РТВ Словенија.

Сепак, таквата убедлива победа на политичкиот новајлија Роберт Голоб во неделата (24.04) ги изненади познавачите на политичката сцена. Анкетите покажаа тесна трка помеѓу неговата партија Движење за слобода и конзервативната Демократска партија на сегашниот премиер во заминување, Јанез Јанша.

На крајот, партијата на Голоб, која постои само од јануари, има 41 место во парламентот кој брои 90 пратенички места. Партијата на Јанша има 27, неговите коалициски партнери, Демохристијаните, имаат 8, Социјалдемократите - 7 и Левица - 5 места. Останите две места се резервирани за малцинствата. Излезеноста беше огромни 70 отсто.

Надеж за брзо решавање на проблемите

„Ова е пораз за етаблираните партии“, вели Старич. Таа смета дека Социјалдемократите, кои ги предводи Тања Фајон, и Левицата, загубиле бидејќи не работеле на сопствената политика, туку сите сили ги вложиле во критика на власта на Јанша и борбата тој да замине. „А, потоа гласовите на избирачите кои се противеа на власта отидоа кај новодојденците“, додава оваа новинарка.

„Тоа е потсетник оти гласачите имаат големи резерви кон естаблишментот. Но, тоа не е ново. Веќе десетина години набљудуваме дека избирачите се колебаат да ја подарат довербата на политичките партии, системот и на политиката воопшто“, додава Старич за ДВ.

Словенечкиот премиер во заминување, Јанез Јанша
Словенечкиот премиер во заминување, Јанез ЈаншаФотографија: Darko Bandic/AP/dpa/picture alliance

Политичкиот аналитичар Алјаж Пенгов Битенц смета дека резултатот е знак за јасно одбивање на сѐ поавторитарниот режим на Јанез Јанша. Токму тоа, вели, е главниот двигател на луѓето - прашањето дали сте „за“ или „против“ контроверзниот премиер Јанша.

„Во последните две недели кампањата на опозицијата константно укажуваше на проблемите во Словенија кои оваа власт мора да ги реши“, вели аналитичарот за ДВ. „Гласачите ги казнија етаблираните партии кои им зборуваа дека состојбата е лоша, а истовремено тоа го признаа и избраа месија кој сега би требало за момент да ги реши проблемите.“

Роберт Голоб, кому нема да му биде проблем да ја поведе коалициската Влада, е познат како стручњак за енергетика. Иако е долго и во политичките води, стана општо популарен минатата есен, кога властите не сакаа да го задржат на чело на државна компанија. Тој за тоа го обвини лично Јанез Јанша.

Голоб заговара либерална и зелена политика, но, како што укажува Тања Старич, тој е речиси целосна енигма за луѓето кои го опкружуваат.

„Движењето на Голоб е проекција на месијанскиот комплекс на словенечката нација, која постојано бара месија да ги реши сите проблеми одеднаш. Слично нешто веќе видовме со Миро Церар во 2014 година“, критичен е кон овој феномен Пенгов Битенц.

Добивка за цивилното општество

Голоб во капањата постојано нагласуваше дека на Словенија ѝ е потребен нов „социјален договор“, консензус за тоа како треба да изгледа земјата.

„Ние немаме основен консензус за тоа кои сме и каде одиме“, вели и Старич. „Кои се клучните прашања за иднината, што навистина сакаме? Доскорешната влада сакаше да го промени општеството во илиберална демократија. Опозицијата се противеше на тоа. Но, ние како општество би морале да имаме консензус за тоа што е правилно, а што не. А го немаме.“

Изборен плакат на противниците на Јанез Јанша
Изборен плакат на противниците на Јанез ЈаншаФотографија: Darko Bandic/AP/dpa/picture alliance

Пенгов Битенц смета дека промената на власта е добар исход за демократијата, своевидна победа на народот и на цивилното општество. Но, вели дека ова бил избор помеѓу две зла. „Помеѓу авторитарната власт или програмата на штедење, низ која ќе мораме да поминеме ако сакаме да ги уредиме јавните финансии.“

Се смета оти цивилното општество, кое под Јанша беше под притисок, придонесло за големата излезност на изборите. „Ова го разби митот за пасивните млади луѓе на кои не им е грижа“, вели за ДВ, Ника Ковач, директорка на Институтот 8 март. Таа лично била на мета на власта на Јанша. „Никогаш не ми било потешко отколку во претходните два месеца. Ми се закануваа. Нѐ навредуваа и нѐ напаѓаа, но сега нешто убаво произлезе од тие лоши работи.“

Голоб веќе вети оти ќе ги тргне препреките за цивилното општество кое ги постави претходната власт. Тој, исто така, ќе се занимава со ситуацијата на јавниот сервис. „Газењето на медиумите беше една од главните причини поради кои власта на Јанша загуби на изборите. Ако Голоб го исполни ветувањето дека ќе донесе нов закон за РТВ Словенија, тогаш тоа ќе биде добра работа за јавниот сервис“, заклучува Тања Старич.