1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Согласност во Балтикот за пакетот за Грција

З. Јордановски/дпа/афп/ртре17 август 2015

Третиот пакет финансиска помош за Грција го одобрија Летонија и Литванија. В среда ќе гласа и германскиот Бундестаг. Мнозинство е сигурно, прашање е само колкумина пратеници нема да го поддржат владиниот предлог.

https://p.dw.com/p/1GGmZ
Фотографија: Getty Images/O. Scarff

Денеска балтичките држави Летонија и Литванија го одобрија третиот пакет финансиска помош за Грција. На вонредна седница на центристичко-десничарската влада во Рига, покрај поддршката за натамошната помош, беше нагласено и дека Атина мора да ги исполни условите договорени со кредиторите. И Одборот за Европа на летонскиот парламент ја поддржа позицијата на владата, која категорично одбива отпишување на долговите на Грција.

Во соседната Литванија владата го одобри целиот пакет со обем од 86 милијарди евра, како и исплатата на првата транша од 26 милијарди. Во Естонија, пак, за пакетот согласност треба да даде целиот парламент, а гласањето е закажано за утре. Доволно е просто мнозинство.

Трите балтички држави спаѓаат меѓу најострите критичари на грчката влада и бараа остри мерки за штедење и реформи.

Финска - проблемот со Грција ќе не‘ следи со децении

Грција уште долго време ќе и’ приредува главоболки на Европа, смета Тимо Соини, министер за надворешни работи на Финска. „Ако еврозоната опстои, со тој проблем, за жал, ќе бидеме конфронтирани со децении“, оцени тој во интервју за една домашна телевизија. И Соини се изјасни за учество на ММФ во третиот пакет за Грција. Министерот искажа подготвеност за преговори за олеснување на грчкиот долг, но исклучи „апсолутен отпис на долговите“. Финската владина коалиција минатата недела ја одобри програмата за помош на Грција. Партијата „Финци“, на која и’ припаѓа Соини, всушност е противник на такви акции за спасување на финансиски загрозени земји, но мораше да се согласи со помошта за Грција за да може да остане во владата, во која за прв пат влезе во мај годинава.

Bundeskanzlerin Angela Merkel
Ангела Меркел уверена дека ММФ ќе учествува во третиот пакет за ГрцијаФотографија: picture alliance/Photoshot

Бундестагот решава в среда, согласноста сигурна

В среда на вонредна седница Бундестагот треба да се изјасни за договорот на кредиторите со Грција. Пратениците се повикани да го прекинат одморот. Сигурно ќе има мнозинство за договорот, прашање е само колкумина пратеници од политичката база на канцеларот Ангела Меркел - партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ, ќе одбијат послушност и нема да го поддржат пакетот за Грција. Спроти гласањето, во германската политика во фокусот се прашањата за отпис на долговите за Грција и за учеството на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во третиот пакет.

„Во президиумот, како и во сојузното раководство на ЦДУ, има широка поддршка за новиот пакет за помош на Грција“, пренесува Ројтерс изјава од кругот на учесниците. Од сите било нагласено дека и ММФ мора да учествува. ММФ тоа го условува со отпис на грчките долгови, што раководството на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ категорично го одбиваат. Министерот за финансии Волфганг Шојбле нагласил дека ММФ постојано учествувал во преговорите со грчката влада, а канцеларот Ангела Меркел во ТВ-интервју искажа увереност дека ММФ ќе учествува во третиот пакет за Грција.

Големо мнозинство на пратеници на СПД, партнер во големата владина коалиција, ќе гласа за помошта за Грција. За социјалдемократите, финансиското учество на ММФ е пожелно, но не и безусловно нужно: од решавачко значење е ММФ со своето искуство да остане дел од институциите, кои ќе го контролираат спроведувањето на договорените реформи во Грција.

Бундесбанката бара остри контроли на реализацијата на реформите

И германската емисиона Бундесбанка инсистира на строга контрола на реформскиот курс на Грција. Во денеска објавениот месечен извештај на Банката се оценува дека во Грција „и натаму е несигурна“ политичката поддршка за неопходните реформски процеси. „Незадоволителниот напредок во рамките на досегашните програми за помош наведува на неопходноста да се внимава на консеквентно придржување кон условите“, смета Банката. Таа оценува дека со воведувањето на контрола на протекот на капиталот и привременото затворање на банките повторно се влошила економската состојба во Грција. Експерти на банката се уверени дека свежите пари сами по себе не се доволни за да се запре „повторниот рецесивен развој“, туку мора „брзо да бидат спроведени реформи во насока на конкурентно способен економски модел и функционална држава, како и свртување на државните финансии на патека на трајна консолидација“.