Сонот за Запад ја празни Северна Македонија
21 јуни 2019Се едуцираат или работат дома, а постојано зборуваат за надвор. Системските промени можеби ја направија Македонија малку подобро место за живеење, но сѐ уште недоволно за анулирање на деценискиот проблем -иселувањето. Сонот за подобар живот на Запад и натаму е топ-приоритет во планирањето на иднината на поголем дел од младите, но и постарите во државата. Во колкава мера, човек може да се увери од една обична анкета на која било локација. Дојче веле ја направи пред Универзитетскиот кампус во Скопје, каде ги прашавме студентите што мислат околу трендот на иселување:
„Што мислам за иселувањето? Да можам, уште сега би заминала на некој универзитет во странство, но без стипендија тоа е невозможна мисија, барем за мене. Не дека не сум за да останам тука, но можностите и условите знаете какви се. Едукацијата ми е приоритет и би сакала да можам да се доусовршам надвор, имам планови, но здравје, ќе видиме“, вели Сања, студент на економски науки.
„Па не знам, сега засега сум овде и не ми е лошо. Но секако дека би било интересно да се замине некаде каде има подобри услови и стандарди за живот. Но лично за мене тоа не е некој голем предизвик. Барем засега. Но, како велат, никогаш не вели никогаш“, коментира Никола, студент на Правниот факултет.
Германија најпосакувана дестинација
Какви се состојбите отсликуваат и низата истражувања на разни домашни или меѓународни институции, владини или невладини. Како последно, она на германската Фондација „Фридрих Еберт“, кое покажува дека повеќе од две третини од испитаниците млади имаат желба да ја напуштат државата. Половина од нив преземаат конкретни мерки, а другата половина засега само сака да се пресели во западните земји.
Повеќе: Изгубените генерации на Балканот
Податоците од студијата се направени во 2018 и 2019 на повеќе од 10.000 испитаници на возраст помеѓу 14 и 29 години во 10 држави од Југоисточна Европа. За повеќето млади луѓе (48,3 %), главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард. Младите се најсензитивни на корупцијата, социјалната неправда, сиромаштијата, невработеноста. Најпосакувана дестинација им е Германија, а веднаш по неа Швајцарија.
Отсуство на официјални податоци
Причините за иселувањето се јасни, но она што е нејасно се бројките. Точен статистички податок, или евиденција колку луѓе се иселиле од државата нема. Државната статистика не направила анализа од овој тип. Со точни податоци не располагаат ниту во останатите државни институции. Според некои анализи, во изминатите дваесетина години Македонија ја напуштиле помеѓу 450 и 600 илјади луѓе. Проблемот е сериозен, а решението нималку едноставно, коментираат упатените:
„Немањето евиденција е еден од проблемите и него го употребува, или злоупотребува политиката. Но факт е дека иселувањето, или желбата за иселување е присутна и таа е голема. Кај студентите е тоа евидентно, но исто така и кај оние што работат, а земаат ниски примања и тоа е поразително. Мотивите се разни, економски, политички, социјални. Ние ги гледаме површните работи, тие се доста произлезени од една длабока реалност, иако ова подрачје отсекогаш било миграциско“, коментира социологот Илија Ацески.
Повеќе: За заминатите и за домаостанатите
Проблемот е сложен
Проблемот за состојбите, според него, е доста сложен и тежок за решавање, посебно во актуелните услови на глобализација:
„Постои една социјално општествена реалност која вели дека светот е отворен, сѐ е достапно. Тоа ги поттикнува мотивите кај поединецот, го вади од локалниот контекст и многу лесно го позиционира во светот. Во такви услови која е логиката на еден човек којшто работи во Македонија да го задржиш да не замине да ја работи истата работа во Германија ако му се укаже можност за тоа. Мотивот да остане во Македонија му е многу мал, или речиси никаков. Без разлика за која професија станува збор. Освен ако не му создадеш некакви услови кои ќе се мерат со Германија, барем во некои димензии, исти не може да бидат никогаш. Но барем да се даде надеж дека нештата ќе се подобрат. Кај нас е обратно, медиумскиот простор не оди кон тоа дека состојбите ќе се подобрат, туку напротив и тоа ги создава тие пориви по секоја цена да се избега подалеку. Затоа таа ситуација е малку сложена“, смета Ацески.
Тој не гледа целосно решение за проблемот, но апелира до политиката истиот да не го злоупотребува, туку да работи на решенија кои можат да влијаат на подобрување на состојбите:
„Властите прават некои мерки, но тие можат да дадат ефекти ама мали. Проблемот е генерално нерешлив, јас не сум песимист, но соочувањето со реалноста е нешто друго и ние мораме да се соочиме. Мора да се направи нешто, сепак постојат т.н. нематеријални пориви и вредности кои ќе бидат поттикнувани во таа материјална сфера. Да се создадат услови да не изумре надежта. Тоа е патот и друго не постои. Мора тоа да се разбуди и кога ќе заживее материјалниот момент дел од вредните и способните ќе останат. Мора да има осмислена политика. Но искрено не гледам дека некој е посебно загрижен. Ако го нема тој момент, изгубено е сѐ. А кога гледате што прават партиите, политиката, медиумите, ние сме на бришан простор“, коментира Ацески.
Повеќе: Во Германија доаѓаат добро квалификувани работници од Македонија
Децениско занемарување
Дел од експертите, пак, предупредуваат дека државата го плаќа цехот на децениско занемарување на проблемите во повеќе области. Образованието е дел од нив, но исто така и политиките за обезбедување услови за рамномерен регионален развој:
„Луѓето заминуваат од помалку развиените места, тоа е нормален процес секаде и кај нас, се оди во поразвиени средини. Но проблемот е што тоа кај нас со години не се поставуваше како прашање за решавање, а требаше. Тоа е еден светски тренд на движење на населението, но покрај тоа прашањето е на внатрешните односи, не се обрна внимание за тој регионален рамномерен просторен развој. Никој, ниедна партија, ниедна Влада не го имаше тоа предвид. И тоа е една од клучните причини. Ако имавме добра инфраструктура во еден мал град, луѓето ќе остануваа таму да живееат. Но ние што правевме, се развиваме во Скопје и луѓето едноставно заминуваа. Тоа мора да се менува“, коментира универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска.
Надлежните преземаат мерки
Колкав е проблемот, но и предизвикот за справување со проблемите на младите и (бес)перспективноста покажуваат податоците во делот на невработеноста. Таа последниве години се намалува, под 20%, но она што загрижува е што дури половина од работоспособното младо население е без работа. Надлежните се свесни за предизвикот и тврдат дека имаат мерки и решенија за одговор:
„За ефикасно и трајно решавање на овој проблем потребна е не само работа на подинечни институции, туку интерсекторска соработка и вклучување на сите општествени чинители. Мерките од Оперативниот план за вработување на младите, кој за 2019 година изнесува рекордни 1,1 милијарда денари и е трипати поголем од 2014 година, се изработуваа во соработка со работодавците, со цел да се усогласат со реалните потреби на пазарот на трудот. Со цел младите да се задржат во земјата и да се стекнат со знаења за професии кои се високо платени, креирани се мерки кои се атрактивни на пазарот на трудот како што се обуки за напредни ИТ-вештини, обуки за побарувани занимања, занаети на пазарот на трудот и слично“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Повеќе: Бранот иселување ја турка Македонија кон пропаст!
Досегашните ефекти, според надлежните, се позитивни:
„Состојбата со вработеноста на младите е подобрена во 2018 година, што може да се потврди со статистички податоци, според кои стапката на невработеност на младите лица од 15 до 24 години во третиот квартал од 2018 година изнесува 45,8%, а на вработеност 17,7%“, велат од Министерството.
Вработувањето само по себе не значи и гаранција дека младите ќе останат во државата. Огромно влијание има и цената на трудот која во државата е доста ниска. Или една од најниските во регионот. Просечната плата последнава година е порасната и достигна околу 25 илјади денари, но проблемот е што нејзе ја сонуваат дури 70% од вработените. Во пакетот мерки кои треба да обезбедат подобрување на состојбите, значаен придонес се очекува од политиката на зголемување на минималната плата, која се зголеми на 13 илјади денари. Исто така и на привлекување на странски инвеститори кои треба да донесат нови и подобро платени работни места. Со поддршка на странските компании, главно германски, почна да се спроведува и дуалниот принцип на образование, налик на оној во Германија, кој треба да обезбеди и квалификувани кадри кои ќе бидат конкурентни и подобро платени.
Бугарскиот пасош виза за ЕУ
Проблемот со иселувањето кулминираше во последната деценија, кога огромен број млади, но и цели семејства ја напуштија државата во потрагата по подобра иднина. Ваквиот тренд испразни цели села, но и помали градови во државата. Огромен број граѓани ја искористија можноста да заминат преку можноста за вадење бугарски документи. Илјадници македонски граѓани со потврда за свои бугарски корени добија пасоши кои им гарантираа виза за работа во земји од ЕУ. Низ годините условите за издавање на овие документи важеше за лесна, што предизвика дури и реакции од Брисел, по што властите во Софија реагираа. Истрагата откри и коруптивни скандали во кои беа вмешани и политичари. Колку точно македонски граѓани имаат бугарски пасоши, е отворено. Според некои проценки, станува збор за над 100 илјади луѓе, па дури и повеќе.
Повеќе: За бугарски пасош Македонците плаќале по 1.000 евра!
ЕУ-перспективите даваат надеж
Освен економските фактори, дел од експертите предупредуваат дека проблемот со иселувањето бил поттикнуван и од политиката, постојаните кризи во изминатите години, посебно во последните години од власта на ВМРО-ДПМНЕ, како и длабоките и загрижувачки поделби кај граѓаните. Власта и опозицијата постојано си ја префрлаат одговорноста за состојбите. Опозицијата критикува за неспособност, власта пак тврди дека се преземаат мерки кои треба да ги корегираат состојбите кои биле резултат на погрешни политики во изминатите 11 години. Отворањето на евроатлантските перспективи по Договорот од Преспа и промената на уставното име, даваат надеж дека работите конечно ќе почнат да се менуваат. Во колкава мера и со какви ефекти во голем дел ќе зависи и од реформите и обврските кои допрва ќе треба да се реализираат со отворањето на преговарачкиот процес со Унијата кој треба да стартува на крајот на годинава.