Сонот на младите- остани дома и заработувај повеќе
22 септември 2018Просечната плата во Србија изнесува 426 евра, судејќи според најновите податоци на Републичкиот завод за статистика. Да се преживее во Србија со просечната плата е еднакво на магија.
Но, се појавува нова класа во Србија- воглавно млади експерти кои се избориле за подобро платена работа преку интернет. Во превод, не мрднале од Србија, а избегале од српската плата.
Различни платформи за вработување како што се Upwork, Toptal и Elance на кои дигиталните работници имаат можност да заработат далеку поголема плата одошто тоа би било случај работејќи „офлајн“ во Србија. Наоѓањето работа на тие портали не подразбира постојан работодавач туку постојан натпревар со фриленсерите од целиот свет.
Дали е тоа некаков „српски сон“, да живееш таму каде што си навикнал, опкружен со пријатели и семејство, а да заработуваш повеќе од соседите? Не баш. Другата страна на медалот прв ја испита белградскиот Центар за истражување јавни политики низ проектот: „Гиг економија во Србија: кои се дигиталните работници од Србија и зошто работат на глобални платформи?“
Иако истражувањето и натаму е во тек, Центарот ги претставни прелиминарните резултати на Петтата светска конференција на економска географија на Универзитетот во Келн. Во април и март, кога ги собирале податоците, од 16 илјади регистрирани корисници на фриленс платформите од Србија, само 465 корисници успеале да добијат работа и да заработат пари.
„Она што го слушнавме од разговорите со дигиталните работници е дека се работи за тешка работа. Едно лице мора истовремено да бара работа, да биде работник, книговодител и да размислува како менаџер и ПР. Во едно лице има толку функции кои ние во традиционалниот свет ги гледаме како одвоени“, вели Јелена Шапиќ од Центарот за истражување јавни политики за ДВ.
Сепак, според тие податоци оние кои навистина работат, заработуваат по околу 2.000 американски долари месечно. И тоа, според ова истражување, е главниот мотив на дигиталните фриленсери. Следниот најважен е неможноста да се најде работа во локалната средина.
„За три недели заработуваш како за шест месеци“
За 3Д дизајнерот Ѓорѓе Ѓ. мотивацијата да стане фриленсер била можноста со мал ризик онлајн да заработи далеку повеќе одошто со седење во српските фирми. Исто така, го привлекло она што многумина ги плаши- флексибилното работно време.
„Од фриленс може многу добро да се живее, но потребно е да се вложат време и труд во тоа. Ништо не е сигурно, но слатко е ако на крајот сите коцки се сложат и заработуваш за три недели пари за комотно да живееш шест месеци. Секако, никогаш не запираш на тие три недели, туку влетуваш во други проекти“, вели Ѓорѓе.
Податоците од истражувањето покажуваат дека фриленсерите во најголем дел се млади меѓу 26 и 35 години и високо образовани.
„Дигиталната работа е важен феномен, но сметаме дека треба да се набљудува низ правата на работниците“, вели Бранка Анѓелковиќ од Центарот. „Тие немаат регулиран статус за вработување и со самото ги немаат одамна освоение права на работниците кога е во прашање социјалната заштита. Се прашувам како тогаш ќе изгледаат социјалната и здравствената заштита, пензиските фондови и иднината на таа професија“.
Додава дека ова повлекува и недостаток на интерес за синдикално здружување поради неможноста да се поврзат работниците надвор од интернет. Еден број дигиталните работници регистрирале стопанска дејност, но, оние кои не се регистрирани немаат никаков правен статус и не можат да им пристапат на синдикатите.
Без поддршка
Зошто е ова важно, покажува примерот на графичката дизајнерка К. Ѓ. која го раскажа своето искуство за ДВ. „Имав проблем поради спорниот закон дека клиентот има право да побара поврат на парите директно преку својата банка, во некои случаи дури и две години по трансакцијата. Upwork тука не можеше ништо да стори освен да му се закани на клиентот дека ќе биде суспендиран од страницата. На крајот Upwork ми ги рефундираше парите, но дури откако јавно објавив на социјалните мрежи што се случува“.
Токму поради недостатокот на правна рамка која ги штити фриленсерите во Србија, добивањето институционална помош не било можно.
„Мнозинството доминантни работодавачи доаѓаат од Британија или Америка. Работникот од Америка во својата земја е дигитален работник, но постои правна рамка која го штити, додека нашите работници немаат никаква заштита“, вели Јелена Шапиќ.
„Живеам локално, работам глобално“
Се поставува прашањето дали потенцијалот кој Србија го има во знаењето може да придонесе за српската економија. Оние кои работат за странски клиенти стануваат дел од глобалниот економски поредок, додека парите ги трошат локално. „Живеам локално, работам глобално“ ја одразува реалноста на многу луѓе, не само во Србија.
„Тоа всушност кореспондира со главната теза во Србија во последно време- дека работата преку интернет може да биде отскочна даска за подобро економско позиционирање како на ниво на лични плати, така и на ниво на БДП“, објаснува Анѓелковиќ за ДВ.
Од друга страна, се зголемува економската нееднаквост со „обичните“ работници од Србија. Но, нееднаквоста е забележлива и на самата платформа. Фриленсерите од Србија и Америка не се натпреваруваат за работа нудејќи иста цена за трудот. Тие од развиените земји се подобро платени.