Спасовски: Воведуваме полициски час
21 март 2020„Се работи за опстанокот на граѓаните, на економскиот систем и на државата“, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски во обраќањето до граѓаните придружуван од вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче.
За првпат во историјата на државата, поради коронавирусот, се воведува забрана за движење на целата територија. Полицискиот час започнува да важи од недела, 22 март, и ќе опфаќа забрана за движење од 21 до 6 часот наутро.
Од коронавирусот во земјава досега се заболени 85 лица и тоа во шест градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид. Министерот Филипче денеска веќе ги најави поригорозните мерки поради тоа што голем број луѓе не ги почитувале мерките за изолација.
„Веќе ништо не е исто, животот радикално се пронмени кај нас и во светот. Тоа бара радикално менување и на нашето секојдневие. Затоа ја донесуваме оваа тешка одлука врз основа на стручно мислење на Комисијата за заразни болести, согласно нивните наализи за пренесување на коронавирусот, и за да се спречи негово ширење“, рече Спасовски.
Единствено лицата со потреба од итна медицинска помош, кои се во животно загрозувачка состојба, ќе смеат да се движат во тој дел од денот, и тоа исклучиво во придружба на најмногу две лица.
Со мерката не се опфатени припадници на МВР, АРМ, противпожарни екипи и екипите на Комунална хигиена. Се ограничува и бројот на дежурни аптеки, а пристап до нив ќе имаат само лица кои извршиле преглед во медицинска установа. Такси компаниите ќе можат да дежураат само со ограничен број возила и исклучиво за превоз кон и од болничка установа. Притоа, возачите задолжително ќе мора да користат заштитна опрема.
Нема да има јавен превоз во тој период, а меѓуградскиот превоз ќе се ограничи на 50 отсто од капацитетот. Ќе смеат да дежураат и екипи на ЕВН; Водовод и топлификација, но само по претходна најава.
Останува во сила забраната за собирање на групи поголеми од 5 лица и тоа во период од 24 часа. Од фабриките и фирмите се бара да го прилагодат работното време.