1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорни ефектите од нафтеното ембарго против Русија

Барбара Везел
5 мај 2022

ЕУ планира постепено нафтено ембарго до крајот на годината. Додека предлогот е широко поздравен од Европскиот парламент, дел од економистите имаат задршки во однос на неговата ефикасност.

https://p.dw.com/p/4AqjF
Symbolbild I Russisches Gasfeld
Фотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

По бројни преговори со земјите членки, претседателката на Европската комисија,  Урсула Фон дер Лајен во Европскиот парламент го претстави шестиот пакет санкции против Русија. Со новите мерки се таргетирани низа официјални претставници и лица „кои ги извршиле воените злосторства во Буча“ и кои се одговорни за нехуманата опсада на Мариупол. Сбербанк и уште две други банки ќе бидат исклучени од платежниот СВИФТ систем, со што рускиот финансиски сектор ќе биде речиси целосно исклучен од меѓународната мрежа. Останува само Гаспром банката, преку која ќе продолжат да се одвиваат плаќањата поврзани со енергенсите. Исто така и на три руски државни медиуми ќе им се забрани емитување. 

Но клучен елемент е фазното ембарго на рускиот увоз на нафта. Според предлогот на Комисијата, тоа подразбира целосна забрана на увозот на руска нафта, без разлика дали доаѓа по морски пат или преку нафтовод.  Ембарго на суровата нафта да следи во рок од шест месеци, а на рафинираните производи до крајот на годинава.

Широк договор и покрај одредени проблеми 

Додека  Германија долго време се сметаше дека го кочи енергетскиот бојкот, министерот за економија Роберт Хабек сигнализираше пресврт во Берлин на почетокот на неделата и сега смета дека ембаргото за нафта, иако со одредени тешкотии, е изводливо. Неодамна, отпор дојде од Унгарија, Словачка и Австрија -  сите три целосно или главно зависат од увозот на руска нафта. Затоа за Будимпешта и Братислава треба да важат посебни прописи.

И покрај прелиминарните преговори, сега дојде уште еден приговор од Будимпешта: владата соопшти дека во предлогот не гледа никаков план со кој ќе се гарантира енергетската безбедност на Унгарија. Сепак, унгарскиот премиер, кој е особено близок со Путин, претходно јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за политички отпор против ембаргото на нафтата. Но, дали тоа е вистина и дали  Виктор Орбан  сака само дополнителни отстапки од Брисел, останува да видиме.

ЕУ амбасадорите како претставници на земјите членки ги започнаа разговорите за новиот пакет санкции. Бидејќи тој треба да биде едногласно усвоен ова сигурно ќе бидат тешки преговори.

Brüssel | Ursula von der Leyen | Präsidentin der Europäischen Kommission
Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламентФотографија: Olivier Hoslet/dpa/Pool EPA/AP/picture alliance

Првичните реакции се главно позитивни 

 Политичките партии во Европскиот парламент првично во голема мера го поздравија најавеното ембарго. За социјалдемократите, според Јенс Гајер постепеното намалување на нарачките од Русија ќе и даде време на економијата да се прилагоди и да ги намали социјалните тешкотии. Владите ќе мора да ги земат предвид несаканите ефекти, „како што се зголемувањата на цените или штетите во критичните економски области“. 

Сергеј Лагодински во име на Зелените рече дека бојкотот на нафтата тешко ќе ја погоди Русија и ќе покаже дека ЕУ е сериозна. Сепак, ваквото енергетско ембарго би морало да се ублажи со посебни мерки поради зголемените цени во ЕУ. И Никола Бир од Либералите предупреди дека бојкотот ќе има последици и за ЕУ. Сепак, Европа може и мора да ја плати цената за ова, бидејќи со ова се доведува во прашање кредибилитет на Путин.

Беата Шидло од полската владејачка партија ПиС, од друга страна, го критикуваше сегашниот пакет санкции дека доаѓа премногу доцна. И таа предупреди дека донесените одлуки, исто така, мора да бидат целосно спроведени од сите - показател за тоа што треба да се очекува.

Отстапки особено за Унгарија

 И другите европарламентарци сакаат повеќе и се залагаат на пример и за ембарго на гасот и на нуклеарните производи. Ураниумот се уште е изоставен од оваа рунда санкции, но тоа дефинитивно мора да биде дел од следниот пакет, побара европратеникот од финските Зелени, Вил Нинисто. Според него тоа значи да се прекинат и „планираните и незавршените проекти“ во делот на нуклеарна технологија. Финска неодамна ја откажа изградбата на нуклеарна централа со Русија. Унгарија, од друга страна, засега останува на своите планови за нова руска нуклеарна централа.

Економистите не се убедени во ефикасноста на мерките 

 Но, дали постепеното укинување на узвозот на руска нафта навистина ќе ја погоди воената економија на Путин онака како што тоа го сакаат Европејците? „Ристад енерџи“ проценува дека и покрај очекуваното намалувања на руското производство на нафта оваа година, зголемувањето на цената на нафтата ќе ги зголеми приходите на Русија на 180 милијарди долари. Тоа е речиси половина повеќе од минатата година и иако производството веќе е намалено за 1,6 милијарди барели од почетокот на војната. 

„Во оваа прва фаза на санкции и ембарга,  Русија  ќе има корист од зголемувањето на цените во споредба со претходните години“, забележува аналитичарката Дарија Мелник. Сепак, производството и приходот на Москва би паднале на среден рок, бидејќи преориентацијата кон Азија како клиент ќе бара време и огромни инфраструктурни инвестиции. Енергетските експерти проценуваат дека производството на сурова нафта во  Русија нема да закрепне до средината на следната година.

Весникот „Фајненшл тајмс“ во својот уводник пишува дека ќе биде тешко да се спроведе ембаргото за нафта „без цените на светскиот пазар да се зголемат толку многу што ќе ја урнат светската економија“. Во моментов нема многу слободно достапна нафта на светскиот пазар и не е сигурно дека ОПЕК и големите производители како Саудиска Арабија се подготвени да го заменат дефицитот на руската нафта. Само најавата за претстојното ембарго на нафтата од ЕУ ја зголеми цената за три отсто во средата.

Казнени царини - поефикасна мерка

Економските експерти од бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“ исто така се сомневаат во придобивките од фазен бојкот на нафтата од страна на ЕУ. Гунтрам Волф и Симоне Таљапиетра истакнуваат дека очекуваното зголемување на цената би можело дури и претерано да го компензира постепеното намалување на извозот на нафта. Москва може да го искористи овој краткорочен ефект за своите граѓани бидејќи околу половина од државниот буџет се финансира од извозот на енергенси. Според економистите, доволно силен ефект би имало само итно и целосно енергетско ембарго. Но, фазниот пристап ѝ дава време на Русија да го преориентира извозот на нафта. Казнени царини би биле подобра мерка, „затоа што би можеле полесно да се приспособат во зависност од политичките случувања“. Таквите царини може да се уплатат на доверителски сметки и да се користат за обнова на Украина.

И Гринпис во своето соопштение посочува дека бавното откажување од руските енергенси ѝ дава премногу време на Русија. А екологистите бараат пред сѐ да се заштеди повеќе енергија наместо да се бараат нови производители. Цел за која се залага и Здружението на германско машинско инженерство ВДМА - моментумот од кризата мора да се искористи за брзо унапредување на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. Машинските конструктори, исто така, го сметаат постепеното ембарго за „недоволно амбициозно“. Но, иако самата индустрија е засегната, ВДМА не гледа друга алтернатива освен заострување на санкциите „со оглед на агресивното и нечовечко однесување на Русија“.