Стари практики зад новите министерски имиња на ДУИ
4 април 2016„ДУИ предлага нови послушници за еднократна употреба“, „Новите имиња се нов доказ за непотизмот во врвот на ДУИ“, „Ваквите евтини трикови нема да поминат во јавноста“...
Ове се дел од првичните реакции, откако синоќа Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги соопшти имињата на новите кандидати за министри, кои треба да ги заменат оние што партијата ги повлече од Владата минатиот петок.
„Во согласност со едногласната одлука на Централното претседателство на ДУИ, како и статутарните надлежности, претседателот Али Ахмети одлучи да предложи кандидати за претставници во егзекутивната власт“ соопшти синоќа партијата.
До составувањето на конечната листа во јавноста шпекулативно продефилираа многу имиња, но речиси сите непознати за пошироката јавност. Таква е состојбата и со конечната кадровска листа што Ахмети денеска ќе му ја предложи на премиерот Емил Димитриев. Но, според познавачите на состојбите во таа партија, избраните лица и не се толку „нови“, бидејќи и досега дел се вртеле по разни Управни одбори, дел во министерства, а сметаат дека и во овој избор покрај желбата кадровски да бидат застапени ограноците од Струга, Гостивар, Тетово, Дебар, Скопје и Сарај, сепак најмногу влијаел непотизмот.
Кои се овие луѓе?
Во партиското соопштение не е приложено си-ви за предложените кандидати за министри, ниту податок од која работна позиција ќе влезат во извршната власт, што отвори многу прашања околу нивниот кредибилитет за идните функции.
Таков е примерот со предложениот вицепремиер за европски интеграции - извесен Фестим Халили.
„Кога нема податоци за професионалниот бекграунд, не е јасно кои се предложените. На пример, не знам дали овој Фестим Халили е истиот што е член на Управниот одбор на МАРнет, јавна установа, во која членовите на одборот се именуваат и разрешуваат од страна на Владата?“, прашува „обичен“ член на ДУИ, објаснувајќи дека кадровската политика секогаш се кроела во многу тесен круг.
Истото прашање се поставува и за Арбер Адеми, предложен за вицепремиер задолжен за исполнување на Рамковниот договор.
За Валдет Џафери, предложен за министер за правда, може да се претпостави дека и досега работел во тој ресор. Такво име како „претставник на министерството“ се спомнува во информација за мешовита делегација која патувала во Турција на Конгресот на правда во ноември 2015, по повод 90- годишнината на Правниот факултет на Анкарскиот Универзитет. За нов министер за образование и наука е предложен Пиштар Љутфиу, за кој исто така нема доволно информации, па некои претпоставуваат дека станува збор за лице од граѓанскиот Институт за политички и интернационални студии. Нема дилеми единствено околу Дритон Кучи, предложен за министер за економија, кого во партиски кругови велат дека го знаат по една референца: братучед на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити. Не е анонимен ни Башким Ахмети, идниот министер за животна средина. Тој претходно бил шеф на кабинет на поранешниот министер за правда, Блерим Беџети, а директорувал со Агенција за управување со одземен имот.
Нема податоци од кои работни позиции доаѓаат Шухрете Елези, предложена за министерка за локална самоуправа, Арлинд Зекири за министер без ресор и одговорен за привлекување за странски инвестиции, како и за предложенте заменици-министри: за внатрешни работи, Агим Нухиу, за финансии Гзим Беадини и за одбрана Беким Максути.
Името на Фатон Положани, предложен за заменик-министер во ресорот транспорт и врски, фигурира во групен истражувачки труд за главните приоритети во сферата на економијата во програмите на политичките партии за предвремените избори во 2014 година, но партиски извори прашуваат дали станува збор за синот на поранешниот министер за правда, Мерсим Положани, од партијата ПДП?
Без очекувања
Во првичните реакции на порталите на албански јазик, доминираат оценки дека Ахмети избрал лица „на кои уште не им пораснала брада“, алудирајќи дека се релативно млади. Но сепак, сметаат дека нивниот хендикеп не е толку во годините, колку во „недостигот од искуство да раководат со значајни ресори, во време кога кулминира политичката, правна и морална криза во земјата“.
Доминираат и оценки дека „ДУИ за еднократна употреба жртвувала луѓе на кои на кои ќе биде многу тешко да се справат со состојбите во сегашната ситуација, само за да може партијата да продава лажна претстава дека се реформира и дека мисли на барањата за промени што доаѓаат од базата“.
Во новите партии од албанскиот блок, овие реформи на ДУИ наидиуваат на потсмев.
„Во ДУИ се лажат себе си или мислат дека ќе ги излажат сите други? Не случајно ваквиот перформанс го започнаа на 1-ви април. Никој овие нивни 'реформи' не ги сфаќа сериозно, освен како маскенбал, односно уште една нова и прочитана игра на ДУИ во договор со коалицискиот партнер“, коментираат во новите партии.
Сега откако се познати имињата на новите министри и заменици, парламентот на денешната седница се очекува да ги констатира оставките на досегашните членови на Владата и да ги избере новите.
Од СДСМ не очекуваат ништо од овие промени.
„Не очекувам ништо спектакуларно, туку само замена на министри, со што ќе пратат привидна порака до јавноста дека се менуваат“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера само најави дека нема да има промени во министерскиот состав на неговата партија.