1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Страв од судар на грипот со короната

2 октомври 2020

Бројот на лица опфатени со бесплатната четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000 е зголемен на 60.000 граѓани од ризични групи.

https://p.dw.com/p/3jJhQ
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Земјите почнуваат подготовки за заштита на граѓаните од сударот на сезонскиот грип со корона вирусот. Во соседна Србија од вчера веќе почна имунизација против грип (Инфлуенца). Здравствените власти објаснија дека за првпат годинава го поместуваат календарот за вакцинирање против сезонскиот грип, со цел да избегнат преклопување на две епидмии. 

„Познато е дека секоја година имаме епидемија на грип, така што може да се случи оваа сезона да имаме све епидемии истовремено. Многу повеќе лица ќе се јавуваат на лекар, ќе се жалат на респираторни проблеми, ќе одат одат во амбуланти, ќе има непотребни ПЦР-тестирања, и затоа е важно барем да ја исклучиме инфлуенцата. Taка ќе го намалиме и притисокот врз здравството“, објаснија лекарите.

Бесплатни вакацини за ризични групи

Според македонските здравствени власти, и овде вакцинирањето ќе против сезонскиот грип ќе почне порано, во споредба со претходните сезони. Минатата година почна на 22-ри ноември, а според препораката на Комитетот за имунизација, годинава вакцинирањето ќе почне кон крајот на октомври. Интересот сега е голем, за разлика од минатата година.

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Се сеќавам дека дури и ги вративме вакцините затоа што немаше интерес, но сметам дека тоа нема да биде случај оваа година“, рече во гостување на ТВ „21“ пратеникот Aрбен Зибери, поранешен директор на Центарот за јавно здравје Скопје.

Повеќе:

-С. Македонија: Што ќе се случи кога Ковид-19 ќе „се сретне“ со сезонскиот грип?

-Што кога Ковид-19 ќе се поклопи со грипот

-Како да ги разликувате: Настинка, грип или коронавирус?

Македонската Влада на седницата одржана на 30-ти јуни годинава го усвои Акцискиот план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи“ за сезоната 2020/2021. Како што беше тогаш соопштено, бројот на лица што ќе бидат опфатени со бесплатната четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000 се зголемува на 60.000 граѓани од следните ризични групи: возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Според кумулативните податоци за сезоната 2019-2020 што ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Министерството за здравство лани набавило бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетните групи. Дополнителни 20.800 дози (комерцијални вакцини) биле набавени од страна на Центрите за јавно здравје, за граѓани кои не спаѓаат во приоритетните/ризични групи. Со тоа, биле обезбедни речиси околу 50.000 дози.

Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дали набавените дози биле доволни и како се искористени?

Според податоците од Управата за електронско здравство, во сезоната 2019/20, со бесплатни вакцини биле вакцинирани 28.664 лица од ризичните категории, а според достапните податоци од центрите за јавно здравје уште 14.975 лица биле вакцинирани со комерцијалните вакцини.

Најголем број од вакцинираните биле на возраст над 65 години, 7.889 лица или 52,7%, на возраст од 30 до 64 години 6.707 лица или 44,8%, а на возраст од 5-29 години вкупно 276 или 1,8%. Вакцинирани биле само 7 деца помали од 5-годишна возраст, а од категоријата на здравствени работници се вакцинирале 94 лица или само 0,6%.

Но, дополнително биле вакцинирани 1.252 здравствени работници по пренамената на дел од комерцијалните вакцини во категорија на бесплатни вакцини за лица под ризик. Од вкупниот број вакцинирани, 9.014 лица (60,2%) имале историја на хронично заболување или на повеќе заболувања.

Задоцнет стар и задоцнет пик

Во сезоната 2019/2020 вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесувал 33.171. Од нив, во текот на 2019 година се регистрирани само 828 лица или 2,5%, а 97,5% (32.343 лица) се регистрирани во 2020 година. Според извештајот на ИЈЗ, сезоната 2019/2020 се одликувала со задоцнет старт и задоцнет пик на заболувањето, со висока контагиозност на вирусот на грип и со голем број на пријавени случаи. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигнала пикот во седмата и осмата недела од 2020 година. Од третата до десетата недела, процентот на позитивни резултати преку вирусолошкиот надзор бил над 50%, а во пикот на сезоната процентот на позитивни примероци бил 68,1% (7 недела). Во ланската сезона коциркулирале вирусите Influenza A и Influenza B.

Почнувајќи од 10-та недела, податоците од епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажале на постепено намалување на активноста на грипот, која продолжила континуирано да опаѓа до 20-тата недела од 2020, односно до крајот на сезоната.

„Предвременото нагло намалување на пријавувањето на случаи на грип, како и лабораториското тестирање корелира со почетокот на пандемијата на Ковид-19“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Според возраста, најголем број на заболени биле во групата од 15-64 години (17.060 случаи  или 51,4%) а на возраст од 5-14 години кумулативно биле регистрирани 10.016 случаи. Регистрирани се и три смртни случаи асоцирани со грип, на различна возраст од 14 до 85 години. Кај трите лица лабораториски била потврдена Influenza A/H1pdm. Кај сите било утврдено присуство на коморбидитети, а ниту еден од нив не бил вакциниран против сезонски грип.